Денга, чикунгунија, висцерална лајшманиоза, енцефалитис (воспаление на мозокот) или други тропски заразни болести се почесто ќе се јавуваат во областите со умерена клима, каква што е Европа, предупредуваат научниците учесници на Европскиот конгрес за заразни болести.
Станува збор за најголемиот Конгрес за заразни болести во светот на чие заседание во Амстердам се собраа повеќе од 13.500 доктори од 127 земји.
Заразните тропски болести, кои ги пренесуваат комарците и крлежите, до неодамна во Европа ги пренесуваа само патници инфицирани во тропските земји.
Но, тоа полека се менува, бидејќи денес и Медитеранот за време на топлите периоди од годината, спаѓа во област со тропска клима.
Благите зими, подолгите топли периоди, обилните дождови и суши, се погодни за различни видови на комарци и крлежи, кои ги пренесуваат овие и други заразни болести, предупредуваат научниците.
Така, азискиот тигрест комарец веќе е населен во Италија, Шпанија и Хрватска, омилените летни дестинации на голем број Европејци.
Тигрестиот комарец може да пренесува зика и вируси кои предизвикуваат денга и чикунгунија. Со каснување од крлеж се пренесува бактерија која ја предизвикува лајмската болест, но и вирус што предизвикува воспаление на мозок.
Лајшманијаза е болест, која ја предизвикуваат паразитите лашманија, а ги пренесуваат комарци. Болеста најчесто се манифестира со големи чирови на кожата и слузокожата, а може да го нападне и црниот дроб и слезината. Во потешки случаи болеста може да има и фатални последици.
Чикунгунијата и зика вирусот предизвикуваат висока температура, главоболка и силна болка во зглобовите.
Во изминатите 12 години, земјите од Медитеранот во неколку наврати беа зафатени од мали или големи епидемии на треските денга и чикунгунија.
Јан Саменца од Европски центар за превенција и контрола на болести, вели дека научниците од овој Центар развиваат нов систем за предупредување, кој ги комбинира информациите за појава на болестите со податоци за климата, како и социјалните и економските податоци.
– Се надеваме дека така ќе можеме да ги предвидиме ризиците за појава на епидемии, врз основа на што би можело да се преземат соодветни мерки за заштита и контрола, објасни Саменца.