Весникот „Нова Македонија“ поради важноста на искажаното од говорницата на ООН продолжува да ги следи и да ги анализира клучните поенти од пораките на лидерите, од годинашниот собир од храмот на меѓународната политика во Њујорк. На вториот ден од самитот пораки испратија премиерот на В. Британија, Борис Џонсон, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Иран, Ибрахим Реиси, и други

Клучни поенти од обраќањето на светските лидери во ООН (2)

Храмот на меѓународната политика во Њујорк останува во светскиот фокус на случувањата. Три дена од почетокот на 76-та сесија на Генералното собрание на ООН, темите и заклучоците во излагањата на лидерите се движеа од проблемите со нееднаквата дистрибуција на вакцините против ковид-19, климатската криза и загрозувањето на светскиот мир, па сѐ до миграцијата, но и проблемите околу теророт во Авганистан и нуклеарната програма на Иран. Кројачите на глобалната политика, како и ден предходно, се согласија дека е потребна посилна соработка, особено во случајот на светските проблеми, како пандемијата, економијата, но и глобалната безбедност.


Борис Џонсон, премиер на В. Британија, Човештвото да покаже зрелост за климатските промени

Британскиот премиер Борис Џонсон, вчера од говорницата на Генералното собрание на ООН, ги повика светските лидери да ја искористат својата моќ и да се справат со климатските промени и нагласи дека е време човештвото да покаже зрелост и одговорност во ова прашање.
– Пријатели мои, на адолесценцијата на човештвото ѝ доаѓа крајот и мора да заврши, се приближуваме до критичната пресвртница. Време е да ги слушнеме предупредувањата на научниците и ако погледнете на ковид-19, може да видите пример во кој се докажува дека „мрачниот“ научник е во право. Време е да пораснеме и да разбереме кои сме и што правиме – изјави британскиот премиер Џонсон.


Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција Климатската миграција и
тероризмот закани за глобалниот поредок

Претседателот на Турција во првичните зборови од своето излагање на говорницата на ООН истакна дека турската влада следниот месец ќе го достави Парискиот договор за климатски промени за ратификација до парламентот и потоа земјата ќе отпочне да дејствува во таа насока. Зборувајќи за вакцините против ковид-19, Ердоган истакна дека срам за човештвото е што десетици милиони луѓе сѐ уште се под контрола на вирусот, додека на глобално ниво се спроведува вакцинален национализам.
Турскиот претседател се осврна и на темата за сирискиот конфликт, велејќи дека меѓународната заедница не може да дозволи сириската криза да продолжи уште 10 години. Според Ердоган, идната миграција ќе биде поради климатските промени, а заедно со тероризмот низ светот овие две работи ќе бидат заканите за глобалниот поредок и во наредните години.


Ибрахим Раиси, ирански претседател САД да ги тргнат санкциите кон Иран и да се повлечат од Блискиот Исток

Иранскиот претседател Ибрахим Раиси своето излагање го посвети на теми за случувањата во Блискиот Исток, но и околу преговорите за иранската нуклеарна програма. Тој се осврна на американските санкции против Техеран, воведени во 2018 година, откако Вашингтон еднострано се повлече од нуклеарниот договор со светските сили од 2015 година. Претседателот Ибрахим истакна дека земјата ќе учествува во новите разговори единствено доколку САД ги повлечат санкциите кон земјата. Тој пред присутните, исто така, ги осуди американското и израелското влијание низ регионот на Блискиот Исток, велејќи дека тие мора да ги повлечат своите сили и да им дозволат на нациите како Јемен, Ирак и Палестина да донесуваат одлуки сами за себе преку фер избори. Иранскиот претседател на крајот додаде дека Иран ќе помогне и при формирањето влада во соседен Авганистан.


Јужнокорејскиот претседател Мун Је Ин
За светски мир итна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров

Јужнокорејскиот лидер Мун Је Ин го повтори повикот за прогласување крај на Корејската војна и повика за итна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров. Според претседателот на Јужна Кореја, меѓународната заедница на нации мора да ги мобилизира сите свои сили и да објави крај на војната на Корејскиот Полуостров, која и покрај официјалното завршување во 1953 г. сѐ уште влече воени тензии и несигурност во регионот.
– Предлагам трите партии од двете Кореи од една страна и САД, но и Кина од друга, да се соберат и да објават дека војната на Корејскиот Полуостров конечно заврши – истакна тој.