Кина испрати делегација придружена од здравствени експерти во посета на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун поради настанатата ситуација околу операцијата и неговата здравствена состојба, пренесува кинескиот „Морнинг пост“.
Според неименувани извори, ова патување се случува за време на спротиставените извештаи кои кружат за неговото здравје. Делегација предводена од висок член на Меѓународниот оддел за врски на Кинеската комунистичка партија во четвртокот го напушти Пекинг.
Веб-страницата „Дејли НК“, која е со седиште во Сеул, неделава облави дека Јонг-ун се опоравува од кардиоваскуларен зафат извршен на 12 април. Тишината на Северна Кореја, како и отсуството на Јонг-ун на најголемиот празник на земјата, 15 април – роденденот на неговиот дедо Ким Ил-сунг, ги загрижи Кина и другите светски сили.
Јужнокорејски извор тврди дека Јонг-ун е жив, и дека наскоро ќе се појави повторно во јавноста. Изворот не отркрива каква е причината за посетата на делегацијата од Кина.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема остварено контакт со Јонг-ун, но исто така не верува во гласините дека тој е во смртна опасност. Државниот секретар Мајк Помнео исто така изјави дека немаат потврдени информации, но информираше дека будно ја следат ситуацијата.
Северна Кореја е една од најизолираните и затворени земји на светот, а здравјето на нејзините лидери се третира како прашање на државна безбедност. Последен пат Јонг-ун беше споменат од медиумите дека претседава на состанок одржан на 11 април.
Кога неговиот татко, Ким Јонг-ил, доживеа срцев удар во 2008 година, јужнокорејските медиуми објавија дека кинески и француски доктори биле вклучени во неговото лекување.
Ова не е првпат Јонг-ун да исчезне од фокусот на државните медиуми. Во 2014 година, тој беше отсутен од јавноста со времетраење од еден месец. Потоа, на државната телевизија можеше да се забележи дека Конг-ун малку криви додека оди. Оттогаш, гласините за неговото влошено здравје се распоространија, главно поради неговата зголемена тежина, пушењето, како и историјата на срцевите заболувања во неговото семејство.
Минатата година, кинескиот претседател Си Џинпинг ја оствари првата посета во 14 години на кинески лидер во Северна Кореја. Кина е главниот економски сојузник на Северна Кореја, која е погодена од санкции на Обединетите нации, и има голем интерес за стабилноста на земјата.