Кинескиот увоз од Северна Кореја во јуни опадна за 92,6 отсто во споредба со истиот месец минатата година.
Увозот се намали поради санкциите на ОН со цел Пјонгјанг да се принуди на запирање на нуклеарните и ракетните програми, соопшти кинеската Царинска управа.
– Истовремено, извозот на кинеска нафта и други стоки во Северна Кореја е намален за 40,6 отсто, изјави на прес-конференција Хуанг Сонгпинг, портпарол на Царинската управа, не прецизирајќи го финансиски износ.
Тој додаде дека во првите шест месеци од 2018 година, кинескиот увоз од Северна Кореја падна за 88,7 отсто во споредба со истиот период претходната година, на 690 милиони јуани (103 милиони долари). Во тој период, извозот опадна за 43,1 отсто на 6,4 милијарди јуани (960 милиони долари).
Хуанг рече дека испораката на кинески стоки во Северна Кореја е намалена континуирано 11 месеци, а увозот од земјата опаднал во последните десет месеци.
Заменик-министерот за надворешни работи на Кина, Конг Суани, по повод забелешките на американскиот претседател Доналд Трамп дека Пекинг може да ги попречи дипломатските напори на меѓународната заедница кон Северна Кореја поради трговскиот спор со Вашингтон, рече дека на овој план постои „позитивен импулс“ и дека Пекинг е во „тесна корелација“ со Вашингтон.
– Ние ќе останеме во контакт со САД преку различни канали во заеднички напори за поддршка на мирот и стабилноста на полуостровот, со цел да се олесни политичкото решавање на корејското прашање, рече Суани.