Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека Кина се соочува со голем тест за економска издржливост поради епидемијата на коронавирусот. Кинеските власти побараа од банките да понудат повеќе кредити за економијата, додека неодамнешната анализа покажа дека милиони мали и средни претпријатија, кои сочинуваат над шеесет отсто од кинеската економија, се на раб на преживување поради последните случувања со епидемијата на коронавирусот.
Според анализите на кинеските власти, утврдено е дека 60 отсто од фирмите можат да вршат регуларна исплата само уште два месеца, по што ќе останат без пари. Дополнително, единствено десет отсто од нив можат да издржат уште шест месеци или подолго, пренесува руски Спутник.
Малите и средните претпријатија се особено во фокусот, затоа што сочинуваат 60 отсто од кинеската економија и во нив се вработени во просек по 80 работници, се наведува во податоците на Народната банка на Кина, објавени деновиве, при што дополнително се појаснува дека многу од работниците во Кина периодов се на принуден одмор токму поради коронавирусот во земјата.
Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, неодамна, на еден од состаноците во рамките на Г20 предупреди дека втората светска економска сила ќе има остар пад на економскиот пораст во првиот квартал од годинава. Според директорката на ММФ, Георгиева, надежите се дека ситуацијата ќе се подобри во вториот квартал од годината.