Ако американската страна дополнително го заострува трговскиот конфликт, не е исклучена опцијата кинеската влада да посегне по нова девалвација на јуанот, поради притисокот на пазарите, и тоа за да им помогне на извозните фирми да го ублажат можниот притисок од повисоките царини, оценуваат економските експерти

Доколку САД продолжат со заострувањето на трговската војна, можно е кинеската влада да дозволи дополнително намалувањето на вредноста на националната валута јуан, за да им помогне на извозните компании да се изборат со притисокот од зголемувањето на американските царини, предупредуваат кинеските економски експерти.

– Ако американската страна дополнително го заострува трговскиот конфликт, не е исклучена опцијата кинеската влада да посегне по нова девалвација на јуанот, поради притисокот на пазарите, и тоа за да им помогне на извозните фирми да го ублажат можниот притисок од повисоките царини – истакнува Џанг Минг, економски и политички експерт од кинеската Академија на општествените науки.

Според него, основна причина за падот на вредноста на јуанот е одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп од 1 септември да воведе нови царини на увозот на кинески производи, во вредност од 300 милијарди долари.
– Тоа очигледно е спротивно на очекувањето на берзите, а кинеската влада стана уште попесимистичка во однос на изгледите за кинеско-американски преговори – оценува Џанг.

Тој, сепак, смета дека нема да дојде до дополнително обезвреднување на кинеската валута.
– Американските Федерални резерви кон крајот на јули почнаа со намалување на каматната стапка, а индексот на доларот нагло опадна. Тоа е втор фактор што придонесува за стабилен курс на јуанот – додава кинескиот експерт.
Покрај тоа, Џанг оценува дека во овој момент не постои ризик од конкурентна девалвација на јуанот, бидејќи амплитудата на неговиот пад сега е ограничена од влијанието на трговијата. Но, сепак, тој признава дека такво нешто би можело во иднина да се случи со другите валути.

– Ако трговската војна и промената на курсот на јуанот влијаат на економскиот развој на другите земји или на влошувањето на ситуацијата со надворешната трговија, тогаш другите земји преку доброволно обезвреднување на валутата ќе можат да ги надминат разликите и на крајот ќе дојде до конкурентна девалвација на јуанот. Низ историјата имаше повеќе такви случаи – заклучува Џанг.

По најавата на Трамп за нови царини на кинеските производи, Народната банка на Кина на 5 август го девалвира курсот на јуанот во однос на доларот, на минимум од декември минатата година. Подоцна, американското министерство за финансии ја стави Кина на листата земји што манипулираат со валутата и најави дека за тоа ќе ја извести и Светската трговска организација.


Пекинг ја чува „нуклеарната“ опција како последно средство

Една од најмоќните алатки што Кина ги поседува во трговската војна со САД, која не покажува знаци на деескалирање, е т.н. нуклеарна опција, односно распродажба на американски државни обврзници. Кина е најголем кредитор на американската влада. Па, така, теоретски, Пекинг може да предизвика паника на берзите и пазарите со обврзници, преку продажбата на дел од американските владини обврзници, чија вредност се проценува на 1.100 милијарди долари. Преку поплавување на пазарот со американски обврзници, нивната цена ќе доживее колапс, зголемувајќи ги каматните стапки и американските трошоци за земање заеми.