Додека САД целосно го повлекоа својот дипломатски персонал од Кабул и ја затворија своата амбасада, Кина и Русија се очекува да ја признаат талибанската власт во Авганистан бидејќи нивните амбасади во Кабул остануваат отворени.
Според „Саут Чајна морнинг пост“, двете земји не планираат да го напуштат Авганистан и нема да ги затворат дипломатските претставништва, приклучувајќи им се на соседен Пакистан, Иран и Турција, која е на пат формално да го признае исламскиот емират на Авганистан.
Русија и Кина веќе неколку години одржуваат дипломатски врски со талибанците.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунјинг, изјави дека Пекинг ги почитува желбите и изборот на авганистанскиот народ и додаде дека се надева оти талибанците ќе управуваат со земјата преку отворена, инклузивна исламска влада.
Во меѓувреме, Русија е во контакт со талибанските власти преку својот амасадор, според специјалниот претставник на Москва во земјата, Замир Кабулов.
„Тие разговараат во Кабул. Таму во моментов се воспоставени сите контакти. Амбасадата се справува со ова“, рече Кабуов цитиран од Ројтерс.
Во меѓувреме, талибанците уверуваат дека сите амбасади, дипломатски центри, институции, места и странски државјани во главниот град на Авганистан ќе бидат заштитени.
Истовремено, во заедничко соопштение од повеќе од 65 земји објавено денеска, се повикуваат талибанците да осигураат безбеден премин на странските државјани и Авганистанците кои сакаат да ја напуштат земјата.
Веќе има извештаи за жртви откако американските војници кои ја надгледуваа евакуацијата на последните летови надвор од земјата, пукаа во воздух, во услови на хаотични сцени на аеродромот во Кабул.