Австралиските разузнавачки сили тврдат дека Кина стои зад кибер-нападот врз парламентот и трите најголеми политички партии пред изборите што се одржаа во мај, како што велат извори за „Ројтерс“.
Австралиската разузнавачка агенција (АСД) уште од март знаела дека кинеското министерство за државна безбедност стоело зад нападот, како што велат петмина директно поврзани со истрагата. Кабинетот на премиерот одби да даде одговор на медиумските прашања за нападот и откритијата во извештајот. Кинеското министерство за надворешни работи негираше секаква вмешаност во хакерските напади и порача дека Интернет секогаш е полн со сомнителни теории.
Кина е најголемиот трговски партнер на Австралија и главен увозник на австралиската железна руда, јаглен и земјоделски стоки, поточно увезува над една третина од вкупниот извоз на државата и испраќа над милион туристи и студенти годишно. Австралиските власт сметаат дека „има големи шанси да ѝ се нанесе голем удар на економијата“ ако јавно ја обвинат Кина за нападот.
Австралија во февруари откри дека хакери упаднале во мрежата на австралискиот парламент. Тогашниот напад бил „софистициран“ и веројатно извршен од страна на странска влада, но од владиниот кабинет не именуваа кој бил вмешан.
Во хакерскиот напад на политичките партии, сторителите добиле пристап до политичките програми за даночниот систем и за надворешната политика, приватните мејлови меѓу пратениците, партиските членови и обичните граѓани. Независните пратеници и другите политички партии не биле цел на хакерскиот напад.
Австралиските истражители откриле дека хакерите користеле техники кои Кина ги користела во минатото. Австралиското разузнавање тврди дека политичките партии биле цел на шпионажата на Пекинг. Изворите не сакаа да дадат детали како напаѓачите упаднале во мрежите, кога се случил нападот и колку долго имале пристап. Откритијата исто така биле споделени со САД и со Обединетото Кралство кое испратило мал тим на кибер-експерти во Канбера за да помогне во истрагата, но двете земји одбија да дадат секаков коментар.
Подготвила: Билјана Здравковска