Кина изгради вселенска станица од 50 милиони долари во Аргентина

Додека САД го сметаа за неоспорно своето влијание во Латинска Америка,
Кина во американскиот двор ги јакнеше трговските и воените врски со тој дел од светот

Поголем дел од изминатата деценија, САД ѝ посветуваа малку внимание на Латинска Америка, фокусирајќи се наместо на тоа на јакнење на економските, воените и на дипломатските врски со Азија, како дел од стратегијата на тогашниот претседател Барак Обама за ограничување на влијанието на Кина. Откако Доналд Трамп влезе во Белата куќа, САД го напуштија тој пристап и се повлекоа од трговските договори со пацифичките држави, а на најблиските сојузници во Азија им забележуваа дека Американците морале да преземат преголем товар за да ја гарантираат нивната безбедност.

За тоа време, Кина дискретно спроведуваше далекосежен план во Латинска Америка, оценува „Њујорк тајмс“, кој како пример ја наведува станицата за сателитски и вселенски мисии што кинеската армија ја изгради во Аргентина. Таа вселенска станица во Патагонија, која чини 50 милиони долари, почна да работи во март, како дел од кинескиот амбициозен план да испрати експедиција на темната страна на Месечината. Нејзината сателитска антена со чинија е висока колку зграда со 16 ката и е тешка 450 тона. Највпечатливо во обидите на Пекинг да ја трансформира Латинска Америка во согласност со своите потреби, меѓутоа, е тоа што со своите обиди таа директно ги урива политичката, економската и стратегиската моќ на САД во тој дел од светот.
Според „Њујорк тајмс“, договорот за изградба на станицата во Аргентина е постигнат тајно, во време кога на земјата очајно ѝ беа потребни инвестиции. Иако е дефинирана како цивилна, за станицата постои загриженост дека Кина со неа Кина би можела да ги зајакне своите капацитети за прибирање разузнавачки податоци од западната хемисфера.

Во време кога САД го сметаа за неоспорен својот примат во Латинска Америка, Кина во т.н. американски двор ја јакнеше трговијата, даваше поволни кредити, градеше огромни инфраструктурни проекти, ги јакнеше воените врски и си обезбеди многу ресурси од тој дел на светот. Настапот на Пекинг се случи во поволен момент. Кинеските апетити за нафта, железо, соја и за бакар помогнаа Латинска Америка да се заштити од најтешките последици од глобалната финансиска криза. Кина постигна договори што и во наредните децении ѝ ја бетонираат улогата како централен играч на тој континент. Трговијата помеѓу Кина и земјите од Латинска Америка и Карибите лани достигна 244 милијарди долари, што е двојно повеќе од претходната деценија. Од 2015 година, Кина ги престигна САД како најголем трговски партнер на Јужна Америка.

Френк Роуз, помошник на државниот секретар на САД во мандатот на Обама, вели дека постои загриженост зашто Кина развива сложена технологија за попречување и уништување сателити. Според него, Кинезите го прават тоа за да ја намалат американската предност, која во голема мера е постигната токму поради предноста на САД во развивањето на вселенските технологии.

Кога е договорена изградбата на вселенската станица во Патагонија, на Аргентина ѝ беа потребни пари за да ги исплати долговите од милијарди долари. Кина ѝ понуди над десет милијарди долари за стабилизирање на валутата и уште толку за реконструкција на железницата. За возврат, Пекинг бараше локација во тој дел од светот од каде што би можел да лансира сателити, пред да испрати своја експедиција на Месечината. Ако биде успешна, таа мисија би можела да биде пресвртница во истражувањето на вселената, а исто така би можела да го отвори патот за експлоатација на хелиум 3, за кој научниците велат дека би обезбедил револуционерно чист извор на енергија.

„Њујорк тајмс“ посочува на уште неколку чекори што ги презедоа Кинезите, а кои ги изненадија Американците. Во октомври 2015 година, Кина беше домаќин на министри за одбрана од 11 латиноамерикански земји на десетдневен форум посветен на воената соработка. Копирајќи го тоа што Американците го прават во светот, Кинезите организираа и заеднички воени вежби, па дури и поморски вежби во водите на Бразил и на Чиле. Тие контакти овозможија и продажба на кинеска воена опрема.
Иван Елис, од американскиот воен колеџ во Пенсилванија, вели дека Кина додека ја следи воената соработка со Латинска Америка, со едно око гледа кон САД, односно кон можноста од избивање судири со Вашингтон.

– Кина себеси се позиционира во свет во кој ќе биде безбеден за нејзиниот развој. Ако зборуваме за светот во 2049 година, од перспектива на Латинска Америка, Кина неоспорно ги престигна САД кога станува збор за апсолутната моќ и големина. Ако евентуално има конфликт, не можете да ја исклучите можноста дека кинеските сили ќе оперираат од бази од тој регион – вели Елис.

Само неколку недели откако профункционира кинеската вселенска станица, САД објавија дека финансираат изградба на центар за итни ситуации, исто така во Патагонија, тврдејќи дека двете работи се неповрзани. Администрацијата на Трамп допрва треба да артикулира јасна политика кон западната хемисфера, но Вашингтон веќе испрати предупредување до земјите од тој дел на светот да не бидат преблиски со Кина. Од друга страна, Жорж Арбаш од бразилското министерство за планирање вели дека токму „непредвидливоста“ на Вашингтон оневозможува посилно партнерство меѓу САД и Латинска Америка, додека Кина е многу појасна во својата визија за тој регион.


Производи вредни 2.000 милијарди долари

Кина лани испрати стоки во вредност од 2.000 милијарди долари до разни пристаништа во светот. Кинеските производители дома, пак, имаат потенцијален пазар од 1,4 милијарда потрошувачи. Секој ден во Кина, државни и приватни компании, фабрики, градежни фирми, дизајнери, уметници и инженери, заедно со уште цела армија работници, произведуваат милијарди производи, од американски знамиња и играчки до соларни панели, мостови и висококатници.