Пекинг ги зголеми царините за увозот на американски течен природен гас (ТПГ) и тоа од 10 на 25 отсто. Кинескиот пазар за природен гас, вклучувајќи го и течниот, е најголем и најбрзорастечки во светот – два главни фактора за привлечност кај сите производители и извозници на синиот енергент. Европа не може ниту приближно на Американците да им го замени кинескиот пазар, кој воопшто, како и азискиот, овозможува највисоки цени и количества на испорака, оценува порталот „Геополитика“

Кина од 1 јуни ќе воведе царини на американските производи во вредност од 60 милијарди долари, што е многу помалку ако се спореди со тарифите од 200 милијарди долари што САД ги воведоа за кинеските производи. Меѓутоа, тука има еден многу важен момент – Пекинг истовремено ги зголемува царините и на увозот на американски течен природен гас (ТПГ) и тоа од 10 на 25 отсто. Ваквиот чекор, од кој се плашеше администрација во Вашингтон и сакаше да го избегне, може да стане кошмар за американската индустрија со гас, бидејќи речиси сигурно ќе доведе до целосно запирање на извозот на американски гас во Кина, оценува „Геополитика“.

Кинескиот пазар за природен гас, вклучувајќи го и течниот, е најголем и најбрзорастечки во светот – два главни фактора за привлечност кај сите производители и извозници на синиот енергент, вклучувајќи ги и оние од САД. Кинескиот увоз на гас го надмина и годишниот увоз на досегашниот светски лидер – Јапонија, а само оваа година кинескиот пазар за гас годинава ќе се зголеми за 25 отсто. Токму врз овие факти и сознанија се темелат и повеќето проекти за изградба на терминали за ТПГ во САД, како што е неодамна отворениот терминал „Камерун ТПГ“ во сојузната држава Луизијана, со вкупен капацитет од 13,5 милиони тони годишно.

Меѓутоа, како што наведува порталот „Геополитика“, проблемите почнаа на самиот почеток на американско-кинеската трговска војна, кога Пекинг остро предупредуваше на зголемување на царините за американскиот гас. САД во изминатите четири месеци извезоа околу 300 илјади тони ТПГ во Кина, што е многу помалку од 1,4 милион тони во истиот период во 2018 година. Американската Федерална служба за енергетска регулација (ФЕРЦ) соопшти дека во моментов во САД се градат пет линии за производство на ТПГ, со вкупен капацитет од 57 милиони тони годишно, а проекти за уште пет линии добиле одобрување и оти се чека на завршната инвестициска дозвола. Но сега нивната перспектива и иднина се доведени во прашање, бидејќи без Кина, на американските производители на гас ниту Европа не им е потребна. Европа не може ниту приближно на Американците да им го замени кинескиот пазар, кој воопшто како и азискиот, овозможува највисоки цени и количества на испорака, додека, пак, европското е заситено со многубројните постојни и идни гасоводи и други извозници на ТПГ (Катар, Нигерија, Русија), и способно е во голема мера да калкулира и да се избори за многу пониска набавна цена.

Во ова светло треба да се гледаат и најновите информации од САД, што говорат за можно воведување на американски санкции за руско-германскиот проект за гасовод „Северен тек 2“, и тоа не само за компаниите-инвеститори, туку и за правните и физичките лица, кои учествуваат како соработници во неговата изградба или финансирање. Се разбира, сосема друга приказна би била доколку САД успеат целосно да го исклучат дотокот на руски гас во ЕУ и низ старите гасоводи. Русија во моментов обезбедува околу 32 отсто од вкупните потреби за гас на ЕУ, што по нејзиното протерување би значело итна потреба за надоместување на големите количества гас. Но во реалноста тие количества не може да се надоместат, барем не на среден рок.

Се разбира, со запирањето на американскиот извоз на гас и Кина ќе се соочи со потребата за заменски увоз. Тука веќе има повеќе заинтересирани играчи – од Катар и Австралија до Русија. Токму Русија би можела најмногу да профитира од американското повлекување, и тоа не само кога станува збор за извоз на гас во Кина преку постојните и идни гасоводи, туку пред сѐ со нејзините нови проекти за ТПГ на Арктикот, како што се „Јамал ТПГ“ и „Арктик ПТГ 2“, во кои, меѓу другото, како коинвеститори учествуваа и големите кинески енергетски компании. Овие два проекта всушност имаат цел и испорака на ТПГ на источноазискиот, а потоа и на европскиот пазар. Тие испораки ќе се прават, а веќе и делумно се прават, преку многу актуелниот Северен морски пат, со учество на танкери-мразокршачи, чија флота Русија забрзано ја гради, а сега гасот главно го превезуваат танкери во сопственост на францускиот енергетски гигант „Тотал“, кој исто така е коинвеститор во руските проекти на Арктикот.Па, така, почнувањето на царинска, односно трговска војна помеѓу САД и Кина, ќе биде болно за двете страни, додека, пак, одредени земји може и да профитираат од неа, барем кога станува збор за енергетиката, заклучува „Геополитика“.


Кинезите масовно го бојкотираат „Епл“

Кинеските потрошувачи почнаа масовен бојкот на американската компанија „Епл“ и на нејзините производи, во знак на поддршка на „Хуавеи“, кој се најде во средината на трговската војна помеѓу САД и Кина. На кинеската социјална мрежа Веибо почнаа масовни повици за бојкот на „Епл“, а многу корисници изразиле подготвеност да ги заменат американските паметни телефони и популарниот Ајфон, за домашни производи. Не станува збор за прва ваква акција од „народен карактер“ во Кина. Уште лани во декември, некои кинески компании им се заканија со откази на своите вработени, кои користеле ајфон-уреди. Истовремено, како алтернатива, им даваа бенефиции за купување паметни телефони од домашниот „Хуавеи“, пренесува „Геополитика“.


Како влијае судирот врз европските фирми

Актуелните трговски тензии помеѓу САД и Кина, како и воведувањето царини и контрацарини меѓу нив, негативно влијае врз една третина од компаниите од Европската Унија што работат на кинескиот пазар, соопшти Комората на ЕУ за трговија со Кина.
Најновото истражување на Комората е спроведено во јануари и февруари кај 585 фирми, во периодот на намалување на транспацифичките трговски тензии по примирјето помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот колега Си Џинпинг. Но тензиите повторно се разгореа на почетокот од мај, а Вашингтон и Пекинг меѓусебно ги зголемуваат царините речиси на дневна база.
Резултатите од истражувањето се спротивни на очекувањата дека европските компании ќе имаат корист од царинската војна помеѓу САД и Кина, пренесува „Дојче веле“.