Откако значително се намали бројот на новозаболени од коронавирус во Кина, најбројната светска популација на студенти се врати во универзитетските кампуси, каде што ја дочекаа нови строги правила, најсовремена опрема за надзор, препознавање на лица, а дури и резервации на термини за капење, пренесува „Ројтерс“.
Добро испланираното и организирано отворање на кинеските универзитети уследи по одлуката за враќање на физичко присуство на студентите на предавањата во есенскиот семестар, по повеќемесечна контрола на пандемијата. Строгите правила кои некои од универзитетите ги воведоа, се однесуваат на начинот на кој студентите ќе јадат, патуваат, па дури и кога ќе се бањаат. Покрај овие правила, студентите од Пекинг, Нанџинг и Шангај ќе мора да поднесуваат извештаи за своето движење и престој во кампусот.
Според документи на кинеската влада, десетици универзитети ќе ја држат епидемијата под контрола преку системи за набљудување засновани врз препознавање на лица, следењето на контактите и проверка на телесната температура.
Кина има повеќе од 20 милиони студенти од кои поголем дел од нив живеат во кампуси. Преку модерна технологија универзитетите ќе собираат податоци за студентите и ќе биде забрането луѓе однадвор да влегуваат во кампусите. Технологијата се потпира на десетици камери, а студентите ќе мора да внесуваат и информации за нивните активности неколку пати во денот.
– Одеднаш, десетици камери се појавија во студентскиот дом, по шест на секој кат. Тоа е како некој да те гледа и следи од станување до легнување – изјавил еден студент од Универзитетот во Пекинг.
Научно-технолошкиот универзитет во Лијаонинг вложил 63.000 долари за својот систем, кој користи термални камери за препознавање на лица кои не носат маска.