Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун ја отфрли можноста за продолжување на дипломатските преговори со САД, додавајќи дека тоа ќе доведе до уште поголемо разочарување.
Изјавата на Ким Јо-јонг уследи откако американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан ги опиша како „интересни сигнали“ од неодамнешната изјава на севернокорејскиот лидер, дека неговата земја е подготвена и за дијалог и за конфронтација, но повеќе за конфронтација, пренесуваат светските агенции.
– Се чини дека САД ја толкуваат оваа ситуација како утеха за себе. Очекувањето избрано од САД е погрешен пат и тоа ќе доведе до уште поголемо разочарување – рече сестрата на Ким.
Ким Јонг-ун неодамна изјави дека судбината на дипломатијата и односите со Соединетите Американски Држави зависи од тоа дали Вашингтон ќе се откаже од, како што вели, непријателската политика.
Претходно беше оценето дека неговата земја мора да се подготви и за дијалог и за конфликт со САД под претседателство на Џо Бајден.
Говорејќи за стратегијата на Вашингтон за време на пленарната седница на партијата, тој истакна дека земјата мора да се подготви и за дијалог и за конфликт, особено мора да биде целосно подготвена за конфликт.
Тој повика на остар и брз одговор околу можностите што брзо се менуваат и на напорите да се фокусираат на стабилно преземање на ситуацијата на Корејскиот полуостров, објавија медиумите.
Џо Бајден не ја исклучи можноста еднаш да се сретне со Ким Јонг-ун, но посочи дека тоа нема да го стори без неговите јасни ветувања.