Младите Севернокорејци не чувствуваат верност кон Ким Јонг-ун и се индиферентни кон политиката, според сведочењето на Ох Чонг-сонг (25) од Северна Кореја, кој беше ранет при бегството од азиската држава, минатата година, пренесува британски „Индепендент“.
Бегството на војникот кој е син на севернокорејски генерал, беше снимено и го привлече вниманието на светската јавност. Тој беше застрелан четири пати при неговиот храбар подвиг.
Ох се опишува како припадник на „повисоката класа“ во Северна Кореја, кој вели дека лично бил незаинтересиран за владеењето на Ким Јонг-ун.
– Луѓето, а особено помладата генерација, се индиферентни едни кон други, кон политиката и кон нивните лидери. Нема чувство на лојалност. Веројатно 80 отсто од мојата генерација нема лојалност, што е нормално, бидејќи системот се зема здраво за готово, без разлика на неспособноста на режимот да го храни народот – истакна севернокорејскиот бегалец, во интервју за јапонскиот весник „Санкеи Шимбун“.
Ох посочи дека избегал откако се опил заедно со своите пријатели. Тој случајно преминал преку еден од контролните пунктови на границата, по што се исплашил да се врати назад и избегал во Јужна Кореја.