Лидерот на бандата „400 Мавозо“, Вилсон Џозеф, за кој постои сомнение дека стои зад киднапирањето на 17-те американски хуманитарци на Хаити, се закани дека заложниците ќе бидат убиени доколку неговите барања не бидат исполнети. Во видеопорака до полицијата, тој побара по еден милион долари за секој од киднапираните и упати закана до премиерот на Хаити Ариел Анри, пренесува „Ал џезира“. Меѓу киднапираните има и пет деца, меѓу кои и едно осуммесечно бебе.
– Се колнам дека доколку не го добијам она што го барам, ќе пукам во главата на овие Американци – вели Џозеф на снимката на која се забележува како стои пред сандаци во кои се убиените членови на неговата банда.
Американската влада вети дека ќе соработува со властите на Хаити со цел побрзо ослободување на американските заложници и нивно враќање дома.
Островската земја забележа голем пораст на киднапирања во текот на изминатите недели. Центарот за анализа и истражување за човекови права информира дека во првата половина од октомври биле киднапирани 119 лица, додека минатиот месец бројот на киднапирани лица изнесувал 117.
Во меѓувреме, протестите против влошената безбедност веќе петти ден продолжуваат во главниот град Порт-о-Пренс. Ситуацијата се влоши по веста за киднапирањето на хуманитарците.
Хаити е една од најсиромашните земји во светот, а беше погодена и од природни катастрофи, насилства од криминални групи, како и од голема политичка криза која се влоши по убиството на претседателот Жовенел Моиз во јули.