Според податоците на институтот „Бостон консалтинг груп“, поврзани со темата за глобалниот пазар на трудот, Канада и Германија во 2020 година станале двете најпосакувани цели за работа во светот. Во својата аргументација на наодите, овој институт вели дека фактите се такви бидејќи овие земји, покрај добрата економија, одлично се справуваат со опасностите од коронавирусот
Истражување за глобалната побарувачка на трудот во пандемијата
Животот со пандемијата се чини дека засекогаш ќе го промени начинот на работа, но и функционирањето на светската економија. Во овој правец интересни се информациите на американскиот институт за истражување „Бостон консалтинг груп“, кои ги објави неодамна, а во кои се наведува дека во изминатата година најатрактивна дестинација за странски работници на планетава е Канада. Според публикацијата што ја објави реномираната статистичка организација „Статиста“, во која беа вклучени речиси 209.000 испитаници од 190 земји, се посочува дека работниците од светот за време на пандемијата се обидуваат најмногу да бидат ангажирани во Канада, Австралија и во Јапонија токму поради фактот дека овие држави имаат добри економии и одлично се справуваат со опасностите од вирусот.
Во своето истражување, институтот од Бостон исто така информира дека САД повеќе не се на врвот на оваа листа токму поради лошите политики на властите во земјата за пандемијата, како и поради големиот број инфекции од ковид-19.
Добрите резултати со ковид-19 услов за одење во странство
Интересно е дека во студијата се наведува дека во сите држави што се искачија во првите десет рангирања, пандемијата има големо влијание врз ставовите на луѓето кон одликите за работа во странство. Во исто време, генерално гледано, намален е интересот за работа во друга држава. Покрај Канада, Австрија и Јапонија, како најпосакувана цел за работа на листата се приклучува и Сингапур, но и Нов Зеланд, двете земји што освоија пофалби за управувањето со пандемијата. Паралелно со ова, според анализата на институтот од Бостон, во Европа сѐ уште Германија останува најпосакувана дестинација за работа, и покрај големите бројки на инфекции, но и намалената економија во земјата.
Веднаш зад Геранија на Стариот Континент е Финска како најпосакувана земја за странските работници. Тоа е така бидејќи државата, покрај сите поволности што ги нуди, најмногу привлекува интереси за работа во неа токму поради здравственото решение.
Американците, според британски „Гардијан“, биле особено заинтересирани не само за условите и перспективите за работа туку и за универзалното здравствено осигурување, дарежливите отстапки за родителство, рамнотежата помеѓу животот и работата, како и близината на природата. Инаку, Финска беше прва меѓу Норвешка, Данска и Шведска што воведе мерки за затворање и со тоа постигна добри резултати во спречувањето на ширењето на вирусот.
Ковид-кризата го промени профилот на доселениците
Во меѓувреме и профилот на доселениците се промени за време на ковид-кризата, пишува на оваа тема германски „Дојче веле“.
– Медицинскиот персонал и негувателите остануваат многу важни, ИТ-стручњаците исто така. Но пред пандемијата имавме голема побарувачка во угостителската индустрија. Сега, меѓутоа, за овој сектор најпрво гледаме на домашниот пазар на труд, каде што многу луѓе останаа без работа. Потребите малку се пренасочуваат поради коронавирусот – вели Даниел Терценбах, одговорно лице во Сојузната агенција за вработување во Германија.
Во исто време, на Стариот Континент високиот број на инфекции ги истисна од листата некогаш посакуваните дестинации за работа во странство, односно државите како Италија, Франција и Шпанија. Според „Статиста“, овие држави до 2018 година беа на врвот од листата за најпосакувана дестинација за работа, но нарушувањето на нивниот имиџ поради лошите мерки за справување со ковид-19 придонесе тие повеќе да не се врвни дестинации за работа во Европа.
Четири бомбардери „б-1б“ на американската војска беа распоредени во воздушната база Орланд, во централна Норвешка, на 22 февруари, додека властите ова го нарекоа „историски чин“ за американските воздухопловни сили подобро да се запознаат со новиот терен. Потегот се смета за порака до Москва дека САД се подготвени да ги бранат нивните сојузници во стратегиски спорниот регион на Арктикот. Зголемените тензии меѓу Западот и Русија, особено по анексијата на Крим во 2014 година, ги натераа двете страни да ги зајакнат нивните војски дури и на далечниот Север, областа што се верува дека е богата со природни ресурси и каде што топењето на мразот отвора нови трговски маршрути. Норвешка неодамна повторно ја отвори базата од ерата на Студената војна, во близината на градот Тромсе, за да им го олесни пристапот на американските, британските и француските нуклеарни подморници. Во наредните недели, американската армија ќе ја објави новата арктичка стратегија со планови за формирање нова арктичка бригада и трансформирање на сегашната команда во Алјаска во операциски генералштаб.