Американските гласачи ипратија речиси 64 милиони гласови преку пошта во пресрет на изборите. Извесно е дека рекордот поттикнат од пандемијата ќе го закомпликува броењето на гласови, но би можел и да го смени американскиот изборен систем, пишува „Њујорк тајмс“. Гласањето преку пошта двојно се зголеми во однос на претходните избори од 2016 година.
Пребројувањето гласови почна денес. Но клучните американски сојузни држави ќе користат различни методи за броењето на гласови, а потенцијалното правно оспорување, особено од страна на штабот на Доналд Трамп, веројатно дополнително ќе го искомплицира процесот.
Одредени сојузни држави како што е Северна Каролина ги обработуваат гласовите стигнати преку пошта со недели. Надлежните лица очекуваа барем 97 отсто од гласовите да бидат пребројани на изборната вечер. Но во една од оспоруваните држави, Пенсилванија, кампањата на Трамп и сојузниците на републиканците го блокираа процесот на броење на гласовите во пресрет на изборите.
Луѓето задолжени за процесирање на гласовите методично ги отвораат пликоата, за потоа да ги одвојат од ливчињата на посебни купишта, по што продолжуваат со скенирање на гласачките ливлиња. Пребројувањето се спроведува по затворањето на гласачките места.
Постојаните тврдења на Трамп за наместени избори се неосновани, пишува „Њујорк тајмс“, но бидејќи преку пошта гласаат повеќе демократи отколку републиканци, Трамп се обидува да внесе сомнеж за процесот и за валидноста на гласовите преку пошта. Службите што ги следат податоците од изборите истакнаа дека до вчера требаше да пристигнат 28 милиони гласови преку пошта од гласачите кои дополнително побарале гласачки ливчиња.
Покрај погодностите од гласањето преку пошта и можноста за зголемена излезеност која ја нуди, овој процес има и недостатоци. На секои избори има гласови кои не се преброени, поради нефункционалност на машините или други проблеми, а тоа особено се однесува на гласовите преку пошта, како што покажуваат истражувањата.