Атентатот на озлогласениот ирански генерал бил планиран со месеци
Неколку часа пред американската војска да испрати дрон за да убие еден од најбараните луѓе на планетата, американскиот претседател Доналд Трамп се одмораше во неговата резиденција на Флорида. Утрото играше голф во неговиот голф клуб во Вест Палм Бич, пренесува „Политико“.
Околу три часот попладне тој се врати во Мар-а-лаго, имотот кој Трамп го нарекува „зимската Бела куќа“ и чекаше, носејќи сино одело со бела вратоврска и значка со американското знаме.
Тој веќе донесе ризична и потенцијално потресна во светски размери одлука, дозволувајќи и на американската војска да го убие Касим Сулејмани, лидерот на иранските елитни паравоени сили. Претходно неделава, тој се состана со водечките луѓе од неговата администрација, а бараше и совети од бројни советници со кои разговараше телефонски.
– Тој беше мирен, ладен и прибран. Јас немав идеја дека се случува нешто невообичаено – кажа радио-водителот Хауи Кар, кој разговораше со Трамп веднаш по објавувањето на веста за атентатот на Сулејмани.
По засилувањето на ракетните напади врз американските бази во Ирак во изминатите два месеци, претседателот му даде на Пентагон невообичаена слобода, со што американската војска доби дозвола да го убие Сулејмани во следната прилика, според анонимен извор на „Политико“ од воените кругови. Иранскиот генерал беше убиен во вчерашниот воздушен напад од дрон врз аеродромот во Багдад.
– Имавме дозвола пред нападот за да преземеме акција. Мислам дека не беше тешко да го пронајдеме бидејќи тој не се криеше во последните две или три години – вели истиот извор.
Сулејмани беше во Ирак по зголемувањето на тензиите помеѓу САД и фракциите поддржани од Иран.
– Тој пристигна на аеродромот и ние имавме прилика. Врз основа на директивата на претседателот, ја искористивме – вели изворот на „Политико“.
Во пресрет на објавувањето на потврдата за убиството на Сулејмани, единствениот коментар на Трамп беше објавувањето на слика од американското знаме на Твитер.
Иранските власти потоа предупредија за остра реакција, парламентот во Багдад гласаше за протерување на американските трупи од Ирак, додека американските власти планираа да испратат дополнителни војници во регионот. Загрижените европски дипломати, пак, разменија телефонски разговори предупредувајќи за можен хаос во регионот. А Трамп ја објасни одлуката со бараж на објави на Твитер, пишувајќи меѓу другото, „требаше да го ликвидираме пред повеќе години!“.