Три децении откако одигра клучна улога во падот на Берлинскиот ѕид, има затишје на фронтот на малиот едностран граничен премин помеѓу Австрија и Унгарија, пишува „Фајненшл тајмс“.
Автомобили полека се движат по местото, минувајќи ја неколкуметарската бодликава жица која е оставена како потсетник на деновите кога ова беше линијата што ги делеше Истокот и Западот. Граничниот премин Шопрон некогаш беше само мал дел од огромната мрежа на sидови и огради што ја сочинуваа Железната завеса.
Комунизмот започна да се распаѓа кон крајот на осумдесетите години на минатиот век, на ова место, кога пред 30 години, 600 источни Германци влегоа во Австрија.
Членови на унгарската антикомунистичка опозиција организираа пикник на граничниот премин во знак на протест против оградите што ја делат Европа.
Но, додека илјадници луѓе се собраа на симболичниот настан, источните Германци кои беа во Унгарија на одмор или се надеваа дека ќе избегаат од Западот, ги изненадија граничните чувари со тоа што ја искористија можноста да избегаат.
– На 19 август 1989 година, затвореничка нација ги отвори вратите на нејзиниот затвор за да помогне на друга затвореничка нација да зачекори кон слобода – стои на плоча на унгарски и германски јазик на полето каде се одржуваше оригиналниот Паневроски пикник.
Оттогаш, настанот се слави со годишен собир на Европејците од обете страни на границата.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и германската канцеларка Ангела Меркел денеска во пограничното место Шопрон ќе ја одбележат 30-годишнината од падот на Железната завеса.
Ова од денешен аспект се оценува како клучен момент кој најавил значајни промени во тогаш идеолошки поделената Европа, што неколку месеци подоцна довел и до пад на Берлинскиот ѕид, во ноември 1989 година.
Според најавите во Берлин, Меркел ќе пристигне во Шопрон со намера да оддаде признае на Унгарија за нејзината историска улога во обединувањето на Германија, но и на Европа.