Бројни видеоснимки објавени на социјалните мрежи прикажаа како полицијата беше немоќна да се справи со бранот на поддржувачи на Доналд Трамп, кои завчера ги пробија полициските барикади и упаднаа во американскиот Конгрес насила. Станува збор за првиот пробив на безбедноста на зградата уште од војната во 1812 година, пишува магазинот „Тајм“.
По инцидентите, законодавците, активистите за граѓански права и поранешни припадници на безбедносните служби се прашуваа како можеше одбраната во средиштето на американската влада да падне толку лесно.
Полицијата на Капитол Хил која има околу две илјади припадници, заедно со градските власти, знаеја неколку недели однапред дека собирот на приврзаниците на Трамп ќе се одржи на 6 јануари. А шефот на полицијата на Капитол Хил, Стивен Сунд, кажа дека полицајците имале „робустен план“ за да се справат со очекуваните немири.
Зошто тогаш кога протестите станаа насилни, полицијата речиси веднаш загуби контрола врз ситуацијата, прашува магазинот „Тајм“.
Снимките прикажаа мала линија на полицајци на скалите на зградата, кои се наоѓаа пред толпата. Наспроти обуката и плановите за низа на сценарија од терористички напади, па до напади со хемиско оружје, полицијата се чинеше неподготвена кога заканата стигна во облик на главно бели мажи кои носеа американски знамиња. Некои сведоци велат дека полицијата ја игнорирала сериозноста на домашните десничарски екстремисти, како што тоа го праши со години. Други сугерираат дека полицијата можеби била на страната на демонстрантите, кои имаат ставови во полза на полицијата. Надлежните служби повикаа на повеќе истраги кои треба да ја откријат причината за потфрлањето на безбедносниот систем.
На една снимка се забележува припадник на полицијата како прави селфи-фотографии заедно со демонстрантите. На друга неколкумина полицајци ја тргнаа металната ограда за да ја пуштат толпата да помине слободно кон зградата на Конгресот. А забележан е и полицаец кој ја држи вратата отворена за демонстрантите да излезат од Конгресот и да избегнат апсење.
Активистите за граѓански права набргу направија споредба на завчерашниот слаб одговор на полицијата, во однос на покажувањето сила при протестите на движењето „Црните животи значат“ кои се одржуваа летоска. Поранешните безбедносни припадници ги обвинија полицијата и Одделот за национална безбедност бидејќи не ги сметаа приврзаниците на Трамп за сериозна закана.
– Мислам дека ова беше проба за нешто што би можело да се случи при инаугурацијата. Она што го видовме воопшто не ме изненади. Ваквото сценарио претставува кулминација на запоставувањето на ваквата закана од страна на владата со години – вели Дерил Џонсон, поранешниот аналитичар на Одделот за национална безбедност.
Повеќе од 50 полицајци беа повредени во упадот, а еден од нив им подлегна на повредите.
Како еден од факторите за претпазливиот пристап на полицијата се наведува неодамнешната одлука на градоначалничката на Вашингтон, Мјурие Баусер да ја ограничи улогата на полицијата при справувањето со граѓански немири, по протестите кои се случија летоска. А при упадот и останатите федерални агенции задоцниле со одговорот, како што наведува „Тајм“.