Дипломатската пресметка помеѓу Литванија и Кина почна со само еден збор, кога Вилнус го одобри барањето на Тајван за воспоставување на „тајванско“ претставништво во балтичката држава. Користењето на терминот го разлути Пекинг, кој го преферира терминот „Тајпеј“, пишува „Политико“.
Судирот набргу ескалираше. Вилнус нагласи дека потегот не ја оспорува политиката на Пекинг за „една Кина“, но литванската одлука која е прва од ваков вид во Европа, многумина ја видоа како потенцијален прв чекор за признавање на Тајван.
Кина го повлече својот амбасадор од Литванија и инсистираше и европската држава да го повлече и нејзиниот претставник. Проектите во Вилнус во рамки на кинеската иницијатива „Појас и пат“ беа запрени, исто како и постапката за новите лиценци за кои аплицираа литванските извозници на храна. Очекувањата дека Литванија би можела да стане важна дестинација за кинеските финансиски технологии исто така згаснаа.
САД веќе застанаа на страната на Вилнус, откако државниот секретар Ентони Блинкен неодамна изрази поддршка за Литванија во однос на прашањето со Кина, додека ЕУ засега е претпазлива. Лидерите на земјите-членки на ЕУ дискутираа за односите помеѓу европскиот блок и Кина на заедничката вечера во пресрет на самитот во Брдо, Словенија, за време на која литванскиот претседател Гитанас Науседа повика на испраќање на порака за единство до Кина.
Литванија која има популација од 2,8 милиони, преку спорот со Пекинг му даде приоритет на прашањето за односите со Кина во рамки на агендата на ЕУ. А Вилнус засега не покажува знаци дека ќе се поколеба во несогласувањата со Кина, што може да се забележи преку најавената посета на тајванска делегација во Литванија.
Науседа во меѓувреме продолжува да бара поддршка од неговите колеги од ЕУ за формирање на заеднички став кон Пекинг, во повеќе наврати истакнувајќи го предлогот за одржување на состанок на лидерите на Унијата со кинескиот претседател Си Џинпинг (27+1), со што и германската канцеларка Ангела Меркел своевремено се залагаше за таквата идеја, пред избивањето на пандемијата и влошувањето на односите со Кина.