Форин полиси
Автор: Виталиј Шклијаров
Александар Габишев вети дека ќе го истера „демонот Путин“ од Русија преку егзорцизам. Еве зошто Москва сериозно ја сфати заканата
Годинава, средовечниот Александар Габишев од Сибир, кој се самопрогласи за воин-шаман, започна со својот протест против рускиот претседател Владимир Путин со тоа што тргна пеш од најсеверните краишта на Русија за да помине над 8.000 километри до Москва, со цел да го истера „демонот Путин“. Тој се надеваше дека ќе го оствари подвигот да собере една армија на приврзаници по патот, што би го следеле до Москва каде што би биле сведоци на егзорцизмот.
Но Габишев беше спречен на половина пат од протестот, а ниту тој ниту неговите следбеници најверојатно нема да стигнат до Москва. По шестмесечен пат и речиси на една третина оддалеченост од неговиот роден град Јакутск до Москва, тој пристигна во Улан-Уде во близина на монголската граница во септември. Таму беше киднапиран и уапсен од страна на вооружени и маскирани безбедносни припадници. Беше испратен во источен Сибир, а руската федерална безбедносна служба тогаш препорача тој да биде затворен во психијатриска установа.
Оттогаш, не само стана ѕвезда во Русија, туку и во целиот свет. „Амнести интернешенел“ го нарече Габишев затвореник на совеста, а директорката на нивното руско претставништво Наталија Звјагина, го покрена прашањето кое сите си го поставуваа дека „одговорот на руските власти е гротескен“ и дали „тие навистина се исплашени од неговите магиски моќи?“ истакна таа кога организацијата побара од руските власти да го ослободат Габишев.
Накратко, да. Реакцијата на властите се чини разумна кога ќе се земе предвид гласачкото тело на Путин. Многу рурални Руси многу повеќе ќе му веруваат на еден шаман, во однос на илјадници луѓе кои излегуваат на протестите во Москва, а Кремљ ова совршено го разбира.
Во секој случај, малкумина во еден голем космополитски град како Москва би се интересирале за магии. Но во најголем дел, гласачкото тело на Путин е надвор од Москва. Осумдесет и шест отсто од руското гласачко тело живее надвор од прозападните стеги на градот, а многу од нив силно веруваат во она што Габишев претставува.
Не е невообичаено за некој од најоддалечените краеви на Русија да ги даде и последните пари за гатачи или мудреци да им ја отворат среќата, за да имаат добра жетва, добијат повеќе пари или љубов. Според некои процени, во Русија има над 1.000 шамани, а во 2018 година шаманите во Руската Федерација избрале „врховен шаман“ и побарале неговите практики да бидат признаени како религија во државата. Шаманизмот отсекогаш бил интересен за Русите, а студиите покажале дека две третини од руските жени се консултирале со некаков шаман или видовит човек.
Не постојат цврсти податоци што би покажале колкава поддршка има за Габишев во руралните руски области, но по патот до Москва тој успеа да собере еден тесен круг на следбеници. Некои од нив продолжија со поддршка и по неговото апсење, но заканите на безбедносните сили ја натераа групата да се растури. Во еден момент од патешествието на Габишев, тој успеал да привлече толпа од околу 1.000 демонстранти во во источен Сибир, а потоа биле објавувани видео-снимки од него како се сретнува со луѓе по патот и воедно привлекоа милиони прегледи на Интернет.
Протестот на Габишев, иако можеби помал, беше поопасен за режимот од маршевите на космополитите кои бараа реформи. Токму затоа властите мора да го пресечат во корен. Габишев го претставува гневот на најсиромашните. Во една држава каде што моќта и парите се силно концентрирани на едно место, поточно во Москва, тој стана невралгична точка, а гневот на внатрешноста може да се прелее и во градовите во кои веќе се одржуваа антивладини протести.
Самиот Габишев најверојатно никогаш нема да стигне до главниот град. Во една држава каде што дури и ракетите се прскаат со крстена вода пред да бидат лансирани во вселената, подобро ќе беше Кремљ да се прикаже како суеверен отколку да се ризикува со маршот. Но Габишев дава моќен пример и може лесно да се усвои. Иако не се чини дека некој друг го зазел неговото место, само времето ќе покаже дали други мистици еден ден ќе стигнат до Москва.
Превод: Билјана Здравковска