Поранешниот шеф на мафијата во Њу Ингланд, САД, Франсис Салеме (85), познат како Кадилак Френк, не покажа каење кога беше осуден на доживотен затвор за убиство од 1993 година, порачувајќи дека „вистинската приказна“ ќе излезе на виделина еден ден, пренесува американската телевизија Фокс њуз. На доживотен затвор е осуден и Пол Видик, кој е обвинет дека учествувал во злосторството.
Пред 25 години, Стивен Дисаро, сопственикот на ноќниот клуб „Шанел“ во јужен Бостон, бил повикан на разговор со „големиот човек“, што била шифра за Салеме, тогашниот шеф на мафијата од Њу Ингланд. Три дена подоцна, на 10 мај 1993 година, Дисаро бил доведен во домот на Салеме, каде што бил убиен, според обвинителството.
Салеме, наводно, гледал како неговиот син и Видик го дават Дисаро до смрт. Телото на жртвата било закопано во стара воденица во Провиденс, каде што останало скриено до пред две години. Салеме и Видик беа обвинети за убиството на тогаш 43-годишниот татко на пет деца, Дисаро, со цел да го спречат да сведочи против семејството на мафијашот. Синот на Салеме, Френк, пак, загина во сообраќајна несреќа во 1995 година.
Салеме гледаше во масата пред него, додека децата на човекот за чие убиство е осуден, ја опишуваа болката што им ја нанела загубата на нивниот татко. Шефот на организираниот криминал го нарече судскиот процес бесмислен, додавајќи дека семејството на убиениот Стивен Дисаро не ја дознало вистината.
– Вистинската приказна за што што се случи уште не е кажана. Но, ќе излезе на виделина. Ќе излезе со текот на времето – истакна Салеме.
Повеќе поранешни припадници на мафијата беа меѓу сведоците кои сведочеа против Салеме, опишувајќи ги неговите злодела. Кадилак Френк претходно призна дека е виновен за серија убиства, но не и за она на Стивен Дисаро.
Салеме отслужил безмалку 16 години во затвор, поради бомбашки напад на автомобилот на еден адвокат во 1968 година. Тој напредувал во организираниот криминал, по што бил застрелан седумпати од членови на ривалска фракција во 1989 година. Салеме бил обвинет со повеќе водечки фигури во мафијата, меѓу кои и озлогласениот Џејмс Балџер, во случај за изнуда, во 1995 година.
Поранешниот шеф на мафијата бил во програмата за заштитени сведоци, поради неговото сведочење против корумпиран ФБИ агент. Салеме бил осуден за давање лажни информации во врска со убиството на Дисаро, поради што отслужил пет години во затвор, по што се вратил во програмата за заштитени сведоци во 2009 година.