Лажното тврдење на Доналд Трамп за победа на претседателските избори во неговиот жесток говор од Белата куќа, додека значителен број на гласови уште не се преброени, го насочи вниманинието кон прашањето кога светот ќе ги дознае резултатите. Би можеле да бидат потребни денови, но и месеци во зависност од случувањата, пишува „Гардијан“.
Американските претседателски избори не се одлучени преку мнозинството на гласови. Победникот во секоја сојузна држава добива електорални гласови и потребни му се вкупно 270 за да го добие претседателскиот мандат. Во повеќето случаи резултатите се јасни, иако не се официјално потврдени, до крајот на изборната вечер. А американските медиуми објавуваат кој од кандидатите освоил одредена сојузна држава, со што таквите предвидувања се речиси сигурно прецизни.
Ова значи дека прецизен збир на гласовите на електорскиот колеџ може да биде даден и победникот да биде прогласен. Во 2016 година тоа се случи во 2.30 часот по полноќ во Вашингтон кога Трамп стигна до потребните 270 гласа. Но зошто тоа не е случајот сега?
Тоа се должи главно на пандемијата и на големиот број на гласачи кои гласаа во пресрет на изборниот ден, вкучувајќи го изјаснувањето преку пошта, од околу 68 отсто, во споредба со 34-те отсто во 2016 година. Броењето на гласовите преку пошта е побавно бидејќи потписите и адресите мора да бидат проверени, а ливчињата процесирани пред да бидат ставени во машините за броење. Одредени држави го почнуваат процесот на верификација и пред изборниот ден, но други не ја практикуваат таквата можност.
Допрва треба да биде одреден победникот во пет сојузни држави – Алјаска, Џорџија, Невада, Северна Каролина и Пенсилванија. Неколку медиуми прогласија победа на Бајден во Аризона, но штабот на Трамп тврди дека уште е рано за таков заклучок. Алјаска, пак, се очекува да му припадне на Трамп.
Речиси половина од сојузните држави примаат гласови преку пошта и по изборниот ден, што дополнително ја компликува ситуацијата. Има зголемен број и на гласачки ливчиња од гласачи кои побарале да гласаат преку пошта, а потоа се премислиле и излегле на избирачките места. Овие ливчиња треба внимателно да се проверат за да се осигури дека никој не ласал двапати.
Исто така, досега беа поднесени повеќе од 300 приговори за наводно прекршување на изборниот закон, а можат да се очекуваат уште, како што известуваат медиумите, што би можело да го одолжи процесот на објавување на резултатите.