Повелбата на ОН ги забранува „заканата или употребата на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава“. Овој најважен меѓународен закон има три исклучоци, од кои никој не е применлив во сегашната ситуација. Прво, Сирија не се согласила за нападите. Второ, Советот за безбедност на ОН не даде зелено светло за евентуална воена акција. И трето, можеби најважно, САД не би дејствувале во самоодбрана во Сирија, односно нападите нема да бидат одговор на сириски напад врз американска територија, велат аналитичарите

Евентуалниот американски напад врз Сирија, како одговор за наводниот хемиски инцидент во Дума, би бил нелегален и ќе го поткопа меѓународниот систем. Без дозвола од Советот за безбедност, секоја употреба на сила против Сирија и Асад ќе биде незаконска. Повелбата на светската организација јасно пропишува во кои услови земјите-членки може да водат војна против други држави. Американските експерти јасно укажуваат на тоа и предупредуваат дека дури и да добие зелено светло од Конгресот, претседателот Доналд Трамп ќе го прекрши меѓународното право ако американски проектили полетаат кон сириска територија. Таков беше и случајот со ланскиот американски напад врз Сирија, кога Трамп нареди истрелување 59 „томахавки“ врз сирискиот воен аеродром. Повелбата на ОН ги забранува „заканата или употребата на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава“.

Овој најважен меѓународен закон има три исклучоци, од кои никој не е применлив во сегашната ситуација. Прво, Сирија не се согласила за нападите. Второ, Советот за безбедност на ОН не даде зелено светло за евентуална воена акција. И трето, можеби најважно, САД не би дејствувале во самоодбрана во Сирија, односно нападите нема да бидат одговор на сириски напад врз американска територија. Мери Елен О’Конел, експертка по меѓународно право на универзитетот „Нотрдам“, истакнува дека причината за војна на Трамп е очигледниот нападот со хемиско оружје во Дума, по наредба од Башар ал Асад.

– Тој напад, во кој има најмалку 70 убиени, коректно е карактеризиран како воено злосторство. Но тоа не значи дека САД може легално да одговорат без резолуција на Советот за безбедност што сигурно ќе биде блокирана од Русија, сојузникот на Асад. Користењето воена сила против Сирија ќе го прекрши меѓународното право, исто како и користењето хемиско оружје. Претседателот Трамп сака да го примени правото, не почитувајќи го во исто време – оценува О’Конел.

За Кевин Мартин, претседателот на организацијата „Мировна акција“, заканите на Трамп за напад врз сириските сили, како одговор на инцидентот со хемиското оружје, е „несмасна и избрзана реакција на сложена и опасна ситуација“. Според него, сѐ уште нема независна истрага за нападот со хемиско оружје, американскиот Конгрес не дискутирал ниту одобрил употреба на сила во Сирија, ниту, пак, има меѓународна правна основа за американска воена интервенција во Сирија. – Пристапот на Трамп „прво пукај, потоа прашувај“ во меѓународната политика е спротивно на тоа што е потребно во Сирија.

Наместо ескалирање на нашата вмешаност во Сирија, одговарајќи на нелегален хемиски напад со нелегални напади, претседателот треба да поддржи независна истрага за хемискиот напад и да спроведува дипломатски и хуманитарни стратегии, справувајќи се со индивидуалните воени злосторства, како и со конфликтот во целина – истакнува Мартин. Трамп и неговите закани за воени напади се проблематични и на домашен терен. Според американските експерти, без дозвола од Конгресот, Трамп не може унилатерално да нареди напади врз Сирија. Сирискиот претседател Асад исто така не е предмет на ниту една од двете авторизации за употреба на сила, со кои Конгресот по нападите од 9 септември 2011 година даде зелено светло за воените акции. Асад не е дел од терористичката група Ал каеда, ниту на организацијата-наследник Исламска држава, ниту пак е дел од режимот на Садам Хусеин.

– Во нашата демократија, моќта на врховниот командант е ограничена со Уставот и со Конгресот, и со владеењето на правото. Ако прифатиме дека претседателот Трамп има унилатерален авторитет да одлучи да го нападне Асад, дали тогаш прифаќаме дека тој има сличен авторитет за унилатерално да ги нападне Северна Кореја, Иран, или Франција – прашува Алисон Марфи, експерт од иницијативата Проект за заштита на демократијата. Сепак, американскиот Конгрес во блиското минато покажа дека може да „седи мирно“, додека претседателите наредуваат напади. Таков е примерот кога Бил Клинтон ги нападна српските сили на Косово во 1999 година, како и одлуката на Барак Обама да го нападне Моамер Гадафи во Либија во 2011 година. И во двата случаја стануваше збор за долги воени кампањи, а не само за поединечни напади, како што беше нападот на Трамп со крстосувачки проектили во 2017 година врз сириската воена база Т4. 


Бан Ки-мун пред пет години предупреди за спротивноста на меѓународното право

Бившиот генерален секретар на ОН Бан Ки-мун уште во 2013 година предупреди дека секоја воена операција против Сирија за наводното користење хемиско оружје ќе биде нелегална ако не е во самоодбрана, во согласност со повелбата на ОН или, пак, не биде одобрена од Советот за безбедност. Тогашната реакција на Бан Ки-мун следуваше по заканите на американскиот претседател Барак Обама за напад врз Сирија по инцидентот со хемиско оружје од август 2013 година.


Трамп: Може да има напади, а може и да нема

Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер порача дека никогаш не кажал „кога ќе го изврши нападот врз Сирија“. – Никогаш не кажав кога ќе следува нападот на Срија. Би можел да се случи наскоро или воопшто да не се случи. Во секој случај, САД, под мојата администрација, сторија одлична работа во чистењето на регионот од Исламската држава. Па каде е тогаш заслуженото „ти благодарам Америко?“ – напиша Трамп, кој пред четири дена порача дека одлуката ќе ја „донесе најдоцна за 72 часа“.