„Војната“ со протерувањето дипломати меѓу Русија и САД, но и меѓу другите држави во светот, во кои се вбројува и Македонија, никако да стивне. Домашните експерти во контекст на случувањата на глобалната сцена меѓу Истокот и Западот советуваат нашата држава да се дистанцира од светските случувања што може да ѝ наштетат на нашата меѓународна позиција
Трендот на протерување амбасадори и дипломати во светот не стивнува
Трендот на протерување дипломати меѓу државите од светот никако не стивнува. Оваа непосакувана, но, сепак, користена алатка во дипломатијата, со која на амбасадорите од државите на двете страни од проблемот им се врачуваат писма во кои тие се именувани како непожелна личност доби своја нова етапа во разврската.
На глобално ниво, медиумите информираат дека неделава американските сенатори со писмо го повикале претседателот Џо Бајден да протера околу 300 руски дипломати од САД доколку Москва не издаде повеќе визи за американските дипломати во Русија.
Ваквиот американски чекор следува по одлуката на Москва, Русија да ѝ забрани на американската амбасада во оваа земја да вработува персонал од трети земји, принудувајќи ја мисијата да отпушти и протера 182 вработени и соработници од земјата.
Односите меѓу САД и Русија на најниско ниво
Светските аналитичари и домашните дипломати што се познавачи на релациите меѓу Русија и САД велат дека светот во овој момент, судејќи по спроведувањата на политиките на државите, целосно личи на времето од Студената војна. Тие додаваат дека состојбите во дипломатијата треба да се пацифизираат доколку сакаме да заврши оваа неубава етапа на дипломатски релации меѓу Истокот и Западот.
Доналд Џенсен од Институтот за мир од Вашингтон, во изјава за „Гласот на Америка“, вели дека новите дипломатски битки меѓу САД и Русија го достигнаа врвот на најлошите односи меѓу двете земји. Според Џенсен, Кремљ спроведува опасни политики, кои може да ги влошат стратегиските политики на земјата на глобално ниво, а тоа да ја наруши економско-безбедносната слика во светот.
И Македонија со епизодна улога во серијалот геополитички глобални игри
Во оваа геостратегиска глобална приказна, епизодна улога во серијалот добива и Македонија. Имено, неделава македонската в.д. амбасадорка во Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска, беше повикана во Министерството за надворешни работи на Русија, каде што ѝ била врачена нота, со која вработен во македонската амбасадата во Москва се прогласува за непожелна личност, како своевиден одговор на прогласувањето дипломат во Амбасадата на Русија во Македонија за непожелна личност
– Мерката е одговор на сосема неоснована одлука за прогласувањето дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за непожелна личност, донесена од страна на Македонија во август оваа година – соопшти кратко руското МНР.
Претходно министерот за надворешни работи Бујар Османи, на 17 август, соопшти дека Македонија протерала уште еден руски дипломат, но не откри детали, бидејќи, како што нагласи тогаш, „информациите од тој тип се од доверлив карактер“.
Ваквата разврска имаше и своја предигра во мај годинава, кога беше протеран еден руски дипломат од Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, по што Русите одговорија со реципрочна мерка и за непожелен го прогласија едниот од двајцата дипломати во нашата амбасада во Москва. Во август ние му откажавме гостопримство на уште еден руски дипломат, а пред три дена Русите ѝ ја врачија нотата на нашата амбасадорка.
Македонија да се дистанцира од случувањата
Од друга страна, домашните познавачи на руско-американските односи советуваат дека Македонија треба да остане понастрана од глобалните случувања што моментално се одвиваат меѓу Русија и САД.
Македонскиот дипломат Драган Јањатов во својот осврт на актуелните случувања констатира дека не постојат објективни причини поради кои двете суперсили во моментов ги затегнуваат односите и се втурнуваат во нова студена војна.
– Македонија во принцип не треба да одработува работи за туѓи интереси, бидејќи така може да си ја навлече бељата на своја кожа. Земјава треба да се води од своите принципи и политики, а тие се државата добро да ги одржуваа, негува и надградува своите билатерални односи со сите држави во светот, вклучувајќи и со САД и со Русија. Оттука, сметам дека Македонија ниту на почетоците не требаше да влезе во една таква „игра“ со протерување странски дипломати, а уште помалку сега да зазема страна и да носи штетни одлуки што ја нарушуваат нашата меѓународна позиција – објаснува дипломатот Јањатов.
Зборувајќи на оваа тема, аналитичарот Мирче Адамчевски, кој како новинар беше долги години дописник на „Нова Македонија“ од Москва, вели дека биле избрзани одлуките за протерување на руските дипломат од земјава. Според Адамчевски, поради ваквите наши избрзани политики, Македонија во иднина може одговорот од Москва да го почувствува, пред сѐ, на економски план.