Додека протестите поради убиството на Џорџ Флојд предизвикаа поддршка кај илјадници граѓани низ САД, гестови на солидарност и јавно незадоволство се проширија и во неколку земји надвор од Северна Америка, пренесува „Политико“.
Но, додека мотото „Црните животи значат“ може да се види на протестите низ Европа, се поставува прашањето, зошто луѓето во Берлин и во Лондон, кои даваат поддршка за Афроамериканците, се тивки кога станува збор за полициската бруталност и расизам во нивните сопствени земји?
Во Белгија, смртта на Флојд предизвика повеќе јавни индикации за негодување отколку кој било пример на полициска бруталност во другите европски земји. Социјалните медиуми се полни со изрази на солидарност и секоја голема политичка партија се произнесе против инцидентот.
Многумина од законодавците, кои со години се бореа за милитаризација на нивните полициски сили и криминализација на жртвите, сега ја искористија шансата да го осудат примерот на полициско насилство во САД, затоа што тоа се случи на друго место, а не во нивната земја.
На Европа не ѝ е туѓа полициската бруталност. Тогаш, зошто нејзините жители не успеваат да го покажат истиот гнев и подготвеност да протестираат кога ќе се соочат со инциденти на полициско насилство во нивните земји?
Пред само неколку недели во Брисел, 19-годишен тинејџер од мароканско потекло беше застрелан, додека наводно, бегал од полициска патрола. Неговата смрт предизвика повици за правда и краткотрајни немири во неговото соседство, но не ги мобилизираше луѓето, немаше масовни протести, ниту некој ја поврза неговата смрт со систематскиот расизам.
Политичарите не зборуваа за тоа, а оние кои се осмелија да прговорат беа соочени со полициските синдикати и критики од јавноста. Наместо да водат расправа околу тактиките на полицијата и расното профилирање, белгиските медиуми разговараа за прашањето за вината на застреланиот тинејџер, ефикасно криминализирајќи го.
Европа не е имуна на дискриминација и насилство од страна на полицијата. А сепак, Европа сè уште не е подготвена да зборува за тоа.
За разлика од САД, Европа презеде помалку практични чекори за борба против полициското насилство. Додека Сенатот го воведе „Актот за крај на расно профилирање“ во 2001 година (иако актот сè уште не е изгласан), Франција, Холандија и Белгија сè уште расправаат дали навистина во нивните земји се случува расно профилирање и дали треба формално да го признаат со закон.
САД се исто така понапред кога станува збор за употреба на камери за време на службата и обука против пристрасност. Иако овие мерки сами по себе не се доволни, фактот дека тие постојат во Америка и се скоро непостоечки во Европа нѝ кажува нешто за тоа колку таа се залага за ова прашање. Смртта на Флојд ја истакна потребата на видео-снимање за време на работата на полицијата.
Во Европа, снимањето на полицијата останува контроверзно. Иако не е строго забрането, законодавството во многу земји е далеку од јасно кога станува збор за видео-запис како материјал. во Франција, на демонстрантите им е дозволено да ја снимаат полицијата, но можат да се соочат со законска постапка доколку членовите на одредени полициски сили бидат препознаени во видеата. Во Белгија, познато е дека полицајците конфискуваат или кршат телефони за да ги спречат луѓето да снимаат.
Покриеноста на полициската бруталност од страна на медиумите е исто така проблематична. Во известувањето за смртни случаи и апсења, новинските агенции имаат тенденција да ги пренесуваат полициските изјави без притоа да го испитаат целиот инцидент. Во овие изјави, жртвата обично се третира како виновна и ги сноси последиците за смртта или здобиените рани.
Историскиот контекст, исто така, игра улога. САД сторија многу повеќе во врска со искуството од колонијализмот, ропството и законите за сегрегација. Нивните движења за граѓански права од 1960-тите сè уште инспирираат антирасистички групи во Европа, а просечниот американски граѓанин е свесен за историјата на нивната земја и системите на угнетување и расизам врз кои таа е изградена. Во Европа, оваа тема е сè уште табу, а Белгија, Велика Британија и Холандија сè уште се борат да се помират со ропството и колонијализмот од нивното минато.
Можеби тоа е дел од причината зошто е полесно да се изрази бес кон расни инциденти во други земји. Многу е полесно да се осуди проблемот на друг континент отколку да се признае дека го имаат истиот проблем кај себе дома. Лутината поради случувањата во САД не е неоправдана. Но, тоа ќе биде бадијала потрошена прилика ако не испитаме што се случува во Европа и ги примениме научените лекции, заклучува „Политико“.