Владимир Путин сака да изненадува. Како поранешен припадник на КГБ тој е навикнат да работи во тајност, особено кога во прашање сe политичките планови. Ваквата практика се забележува во активностите на рускиот претседател во изминатите два месеца, откако најави уставни промени осмислени за да ја задржи моќта и по 2024 година, пишува „Економист“.
Русите со право би можеле да бидат збунети, бидејќи Путин минатата недела им порача дека нема да го повтори искуството на советските лидери кои беа на функција до смртта.
– Ја сакам мојата работа, но да ја задржам сегашната моќ би требал да се согласам на одреден план што ќе биде неприфатлив за државата – истакна Путин, за четири дена подоцна да го стори спротивното, кажувајќи во руската Дума оти е подготвен да ги тргне ограничувањата за претседателскиот мандат и да остане на функцијата и по 2024 година. Уште два шестгодишни мандати, пак, би го задржале Путин на функцијата до 2036 година, ако остане и потоа биде реизбран, кога би бил на 83-годишна возраст.
Путин смислуваше, а веројатно и одби разни методи на задржување на власта – преку унификација на Русија со Белорусија, со што би бил претседател на „нова држава“, преземајќи контрола врз заедничкиот државен совет во 2024 година, без да го менува уставот. Кога се соочи со слични потешкотии во 2008 година, пак, само ги размени функциите со тогашниот премиер Дмитриј Медведев. Сега, се чини дека го избра најгрубиот, но и најсигурен метод, преку измена на уставот.
Гамбитот на Путин пред Думата, не се одликуваше со неизвесност, при што парламентот гласаше и ги прифати амандманите. Се очекува рускиот претседател да ги потпише на 18 март, на шестата годишнина од анексијата на Крим. Измените на уставот ќе треба да бидат одобрени од Уставниот суд, што е предвидено за 22 април на роденденот на Владимир Илич Ленин. Би се одржало и гласање со кое планот би добил легитимитет.
Кремљ, пак, негира дека уставните измени се насочени кон задржување на моќта од страна на Путин.