Шенген-зоната може да биде доведена во прашање ако ЕУ не најде решение за имигрантската криза, предупреди италијанскиот премиер Џузепе Конте.
Тој на завчерашниот неформален самит на 16 членки на ЕУ во Брисел побара европските земји да ја поделат одговорноста за спасените имигранти и казни за земјите што одбиваат да прифатат мигрантски квоти, главно меѓу источноевропските членки на ЕУ. Неформалниот мини-самит се одржа во пресрет на официјалниот европски самит на крајот од неделава. Во документ претставен на мини-самитот, Конте побара заштитни центри за мигрантите да бидат отворени во други земји на ЕУ, што би требало да го намали товарот врз Италија, која во изминатите четири години прими 600.000 мигранти.
– Тој што доаѓа во Италија, доаѓа во Европа. Шенгенот е доведен во прашање – се вели во документот претставен од италијанската влада.
Италија изминатите денови одби да прифати бродови со спасени мигранти во Медитеранот, а новата популистичка влада во Рим вели дека сака да депортира половина милион недокументирани мигранти.