Шефот на антикорупциската комисија на Италија, Рафаеле Кантоне, предупреди за можноста за инфилтрирање на мафијата во процесот за обнова на надвозникот „Моранди“ во Џенова, пишуваат италијанските медиуми.
Зборувајќи на парламентарно сослушување поврзано со надоместоците за обновата на подрачјето погодено од несреќата, Кантоне изрази загриженост оти новоназначениот комесар за обнова Марко Бучи, би можел да ги заобиколи законите за да постапува со „потполна слобода“. Според Кантоне, објавеното решение за обнова на Џенова го ослободува комесарот од почитување на антимафијашките закони, што претставува ризик мафијата да ги „пушти пипците“ во изградбата.
Мостот „Моранди“ се сруши во невремето што ја погоди Џенова на 14 август, при што во несреќата загинаа 43 лица.
Причината за рушењето на „Моранди“ уште не е утврдена, чекајќи го заклучокот од истрагата, но постојат сомнежи за вклученост на организираниот криминал во првобитната изградба на мостот, во 60-те години на минатиот век.
Силицијанската Коза ностра, Н’дрангета во Калабрија и Камора во Неапол, вообичаено се вклучени во изведувањето на градежни работи, добивајќи ангажман преку соработката со корумпираните политичари. Практиката на мафијата да штеди преку мешање на цементот со песок, при изградбата, претставува причина за загриженост.
Работата во градежната индустрија преставува погоден параван за членовите на организираниот криминал да бидат вклучени во навидум легален бизнис. Згора, мафијата ги користи несреќите и природните непогоди за да профитира дополнително при обновата.