Италијанските разузнавачки агенции предупредуваат за нов наплив на мигранти во наредните недели, а во извештајот се наведува дека најмалку 20.000 мигранти се подготвени да ја напуштат Либија и да тргнат кон Европа, пренесува „Ил џорнале“.
Тврдењата ги објави поранешниот италијански министер за внатрешни работи и сенатор Матео Салвини кој изјави:
„Нашите тајни служби го активираа алармот за мигрантски бран од најмалку 20.000 мигранти подготвени да тргнат кон Италија“.
Салвини додаде дека предупредувањето доаѓа откако левичарската италијанска влада понуди привремена амнестија за нелегални имигранти и ги отвори пристаништата за мигрантскиот транспорт на невладините организации.
Во извештајот се наведува дека невладината организација „Си воч“ повторно вплови викендот во либиската зона за пребарување и спасување (САР) лоцирана на неколку километри од брегот на земјата.
– Си воч 3 повторно плови! По повеќе од три месеци во пристаништето во Месина, конечно се упатуваме кон зоната за пребарување и спасување северно од либискиот брег, каде што итно сме потребни – напиша организацијата во саботата.
Според „Ил џорнале“, пристигнувањата на мигрантите се значително зголемени од почетокот на годинава до 5 јуни со 5.461 нови пристигнувања во однос на 1.878 минатата година. Тој број е дури и со строгите мерки наметнати од Италија за борба против ширењето на коронавирусот.
Италијанските медиуми, исто така, изразија верување дека либискиот премиер Фајез Ал Сараџ би можел да го искористи новиот мигрантски бран за да ја уценува владата на левичарската коалиција за поголема поддршка во нивниот конфликт со силите предводени од генералот Калифа Хафтар.
Тврдењата на Салвини доаѓаат нешто повеќе од една недела откако во извештајот на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ) се тврди дека дури 650.000 мигранти во Либија во моментот бараат да заминат за Европа.
– Информациите од Либија, каде во моментов се регистрирани околу 650 000 мигранти и бегалци, укажуваат на тоа дека кризата со пандемијата на коронавирусот не ги обесхрабри луѓето да се обидат да стигнат во Европа – се наведува во извештајот.