Пожарите во јужна Италија, во кои деновиве загинаа пет лица, им се закануваат на буковите шуми заштитени од УНЕСКО, објавија денеска медиумите.

Последната потврдена жртва е Марио Завалио (77), кој изгоре до смрт обидувајќи се да го спаси својот добиток од пожар во близина на општината Гротерија.

Извршното тело на најтешко погодениот југозападен регион Калабрија го повика Рим да прогласи вонредна состојба во таа област. Регионалните власти се особено загрижени поради пожарите што горат во планинската област Аспромонте во Калабрија, уништивајќи хектари под шуми и пасишта.

Пламените јазици се закануваат на прастарите букови шуми признати од УНЕСКО како светско културно наследство, соопшти дирекцијата на Националниот парк Аспромонте, повикувајќи да бидат испратени единици на националната армија за да помогнат во гаснењето на пожарите.

Топлотниот бран наречен „Луцифер“ ја погоди Италија на почетокот на неделава, предизвикувајќи температурите во Сицилија да се искачат на рекордни 48,8 степени Целзиусови.