Новозеландската премиерка Џасинда Ардерн изјави дека нејзиниот кабинет во петокот, точно девет минути пред нападите врз џамиите во Крајстчрч, добил манифест од Брентон Тарант (28), кој ладнокрвно уби најмалку 50 лица
Новозеландската премиерка Џасинда Ардерн изјави дека нејзиниот кабинет во петокот, точно девет минути пред нападите врз џамиите во Крајсчрч, добил манифест од Брентон Тарант (28), кој ладнокрвно уби најмалку 50 лица. Во текстот на 74 страници, според Ардерн, Тарант ги правдал своите планови за нападот врз двете џамии, кој ја шокира светската јавност.
– Околу 30 лица добија текст девет минути пред нападот – истакна шефицата на новозеландската влада, додавајќи дека во манифестот не се наведени деталите и локацијата на нападите.
Тарант (28) беше приведен половина час по почетокот на нападите, а завчера беше изведен пред суд, кој поднесе обвинение против него и му одреди притвор на неодредено време. Наредното сослушување во врска со масакрот е закажано за 5 април. Комесарот на полицијата на Нов Зеланд, Мајк Буш, потврди дека во терористичките напади се убиени 50 лица. Според Буш, во болниците и натаму се наоѓаат 36 лица ранети во петочниот напад. Тој додаде дека полицијата верува оти двете лица што беа уапсени во времето кога полицајците го приведоа осомничениот Тарант, не се вмешани во нападите.
Бившиот инструктор по фитнес Тарант навел дека бил импресиониран од неофашистичките идеологии во текот на повеќето патувања низ Европа. Тој исто така потврдил дека ги посетил Франција, Шпанија и Португалија. Бугарските власти соопштија дека водат истрага за мотивите на неговата посета во Бугарија во ноември 2018 година. Тој кратко престојувал и на Балканот во декември 2016 година. Според АФП, Тарант со автобус патувал низ Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна. Во меѓувреме, официјална Анкара исто така соопшти дека Австралиецот, кој во манифестот зборува за омразата кон странците и муслиманските мигранти, неколкупати ја посетил Турција.
Тарант во текстот навел дека првпат планирал напади во април и во мај 2017 година, по посетата на Франција и повеќе западноевропски земји. Тој истакнува дека бил изненаден од „инвазијата“ на странци во француските градови и додава дека бил очаен кога во вториот круг од претседателските избори беше поразена Марин Ле Пен, кандидатката на француската екстремна десница. Во текстот со наслов „Голема замена“, Тарант истакнува дека најмногу му пречат муслиманите, додавајќи дека е расист и фашист.
Затворен аеродром на Нов Зеланд поради сомнителен пакет
Аеродромот во „Данедин“ на Нов Зеланд вчера беше затворен поради сомнителен пакет. Локалната полиција соопшти дека дополнително ќе изнесе детали за инцидентот, како и за евентуалната поврзаност со масакрот во две џамии во градот Крајстчрч, во кој беа убиени 50 лица, пренесува Ројтерс.