Полицијата објави фотографии од сестрите Тала (16) и Ротана (22) Фареа од Саудиска Арабија, чии тела беа пронајдени во реката Хадсон во Њујорк, минатата недела, во обид да дојде до одговори во истрагата која е во тек, пишуваат американските медиуми.
– Дали ги знаевте? Ги познававте? Сте ги виделе? – стои во објавата на полицијата, која ги охрабрува сите што имаат информации поврзани со случајот, да се јават.
While we continue the expansive investigation into the deaths of sisters Tala & Rotana Farea—whose bodies were found on Oct 24 at the edge of the Hudson River in Manhattan—we urge anyone w/ info to call CrimeStoppers 800-577-TIPS @NYPDTIPS
Did you know them? Meet them? See them? pic.twitter.com/kX3KdxAuZp
— Chief Dermot F. Shea (@NYPDDetectives) October 31, 2018
Американските власти, амбасадата на Саудиска Арабија во САД, како и роднините на сестрите, ги демантираа тврдењата дека девојките побарале азил во САД, откако не наидоа на докази што ќе ги потврдат ваквите информации. Медиумите претходно пренесоа оти дошле до овие сознанија од мајката на Саудијките. Полицијата соопшти и оти не постои поврзаност помеѓу смртта на сестрите и Саудиска Арабија.
Роднините во разговор за саудиските медиуми истакнаа дека девојките доаѓаат од типично шестчлено саудиско семејство кое се доселило во САД во 2015 година, со цел сестрите и нивните двајца браќа да добијат добро образование. Тие живееле со нивната мајка во Вирџинија, додека нивниот татко честопати патувал поради работата. Блиските на семејството негираа и дека девојките биле исчезнати и избегале од дома, како што беше соопштено.
Ротана се преселила во Њујорк поради студиите, а Тала ја следела без знаење на нивната мајка, која потоа го пријавила исчезнувањето на помладата сестра. Полицијата ја откажала потрагата откако дознала дека Тала е со нејзината сестра.
Истражителите го чекаат извештајот од аутопсијата на девојките, за да биде утврдена причината за нивната смрт. Саудијките беа пронајдени врзани една за друга со самолеплива лента, со што полицијата не ја исклучува можноста дека станува збор за убиство.
– Детективската работа пополни доста од празнините, но има уште дупки кои се обидуваме да ги пополниме, за да добиеме јасна слика за тоа што се случувало со девојките во последните два месеци – кажа претставник на њујоршката полиција.