Кинеската Комунистичка партија изгласа „историска резолуција“ со која се зацврстува статусот на кинескиот претседател Си Џинпинг во политичката историја, пишуваат светските медиуми. Резолуцијата беше усвоена вчера на шестата пленарна седница, која претставува еден од најзначајните политички собири во Кина. На четиридневната седница затворена за јавноста присуствуваа повеќе од 370 членови на 19-от Централен комитет на Комунистичката партија.
Документот што ја сумира 100-годишната историја на партијата се осврнува на клучните достигнувања и на идните одлуки. Станува збор за трет документ од овој вид од основањето на партијата, откако првите два беа усвоени од Мао Це Тунг во 1945 година и од Денг Сијаопинг во 1981 година. Со него Си Џинпинг добива еднаков статус како и основачот на партијата Мао и неговиот наследник Денг.
– Како и претходните две резолуции, оваа ќе има важна улога во помагањето за обединување на теоријата, волјата и акцијата на партијата, со цел да биде постигнат напредок и да биде реализирана втората стогодишна цел за големиот Кинески сон – соопшти висок претставник на партијата.
Познавачите на состојбите сметаат дека Си Џинпинг ќе го нагласи континуитетот на кинеската политика со резолуцијата, која доаѓа во време во кое Кина стана глобална сила.
Партијата претходно постави две стогодишни цели – дека Кина ќе стане „умерено просперитетно“ општество до 2021 година и оти ќе бде потполно развиена, богата и моќна до 2049 година.