Група конзервативни пратеници поддржувачи на Брегзит, денеска информираа дека еден од нивните лидери, Џејкоб Рис Мог, поднел официјално барање за гласање недоверба на британската премиерка Тереза Меј.
Групата за европски истражувања, составена од конзервативни пратеници во Долниот дом на британскиот Парламент соопшти дека Рис Мог испратил такво барање до Комисијата одговорна за избор на раководството на Конзервативната партија.
Се очекува и други конзервативни пратеници да го следат примерот на Рис Мог.
Овие пратеници не се согласуваат со предлог-договоротза Брегзит, што го постигна Меј со ЕУ, бидејќи сметаат дека тој не гарантира јасно издвојување на Велика Британија од Унијата.
Во своето писмо, Рис-Мог пишува дека „предлог-договорот презентиран денеска во Парламентот, е полош отколку што се очекуваше и не успеал да ги исполни ветувањата дадени на нацијата од страна на премиерката Тереза Меј“.
Брисел и Лондон во вторникот постигнаа договор за британското напуштање на Европската Унија. Спогодбата од 585 страници ги дефинира главните аспекти од истапувањето на Велика Британија од ЕУ, со посебен фокус врз „ирското прашање“.
Договорот предвидува дека нема да има физичка граница на ирскиот остров. За таа цел се применува таканаречениот „бекстоп“ или безбедносна мрежа за да се избегнат гранични контроли помеѓу Република Ирска и Северна Ирска до крајот на транзицискиот период во декември 2020.