Познатиот сомалиски исламски лидер Шеик Абдивели Али Елми и најмалку 17 негови приврзаници се убиени при самоубиствен напад на екстремисти во градот Галкајо, соопшти полицијата.
Двајца бомбаши-самоубијци се разнеле пред домот на верскиот лидер, кој исто така е и суфитско светилиште, по што четворица мажи со огнено оружје влегле во зградата и отвориле оган. Во нападот се повредени и уште најмалку 20 лица. По пристигнувањето на полицијата дошло до престрелка, во која тројца напаѓачи се ликвидирани, а четвртиот е уапсен.
Одговорност за нападот презеде сомалиската екстремистичка група Ал Шабаб.
Убиениот проповедник стана тема на контроверзи откако се појавија снимки на кои со следбениците пее верски песни со музика, за што некои екстремисти велат дека не е исламски. Елми тврдеше дека музиката не е во спротивност со исламските учења.