Турчинката Амина Хасан (42) имаше две минути за да се одбрани против обвинувањата за поддржување на Исламската држава (ИД), на рочиштето во Ирак, на кое беше осудена на смрт со бесење, по десетминутниот процес. По неа, во судницата влезе друга Турчинка, па набргу уште една, со што вкупно 14 жени беа осудени на смртна казна во рок од два часа, пренесува „Њујорк тајмс“.
Ирачкиот судски систем е безмилосен при пресудите за тероризам откако ИД беше поразена. Тоа резултираше со приведување на илјадници џихадисти и на нивните семејства, кои се обвинети за помагање на терористичката организација во текот на нејзиното тригодишно владеење на безмалку една третина од територијата на Ирак.
– Овие криминалци од Исламската држава починија злосторства против човештвото и против нашите луѓе, насекаде во Ирак. Криминалците мораат да добијат смртна казна поради крвта на нивните жртви, што треба да ги одврати и нивните поддржувачи – вели Јахја Расул, гласноговорникот на ирачката армија.
Од друга страна, противниците на ваквата практика сметаат дека во процесите против тероризмот, кои се водат во специјални судници, подеднакво страдаат невини лица и роднините на џихадистите, со што судењата повеќе се насочени кон одмазда, отколку кон постигнување на правда. Од канцеларијата на Обединетите нации за човекови права порачаа дека недостатоците во ирачкиот судски систем веројатно ќе доведат до „непоправливи загуби“.
Законите против тероризмот во Ирак овозможуваат осуда на смртна казна за сите кои „починуваат, поттикнуваат, планираат или помагаат во терористичките дела“, па така, тие се однесуваат на џихадистите, како и на пример, на нивните сопруги, кои немале удел во злоделата на нивните мажи.
– Поединечните околности не се важни. Готвачите, медицинските лица, сите добиваат смртни казни во Ирак – вели Белкис Вајл, истражувачката на „Хјуман рајтс воч“ во Ирак, додавајќи дека ирачките судови не спроведуваат детална истрага за злосторствата.
Ирачките власти, кои ги негираат ваквите обвинувања, не објавуваат статистички податоци за нивните заробеници, но се проценува дека околу 13 илјади луѓе се затворени под сомнение за поврзаност со ИД од 2017 година. Според неофицијални податоци, околу 2.900 судски процеси (од десет илјади случаи) се завршени досега, со осудителни пресуди во 98 отсто од нив. Не е познато колку од нив резултираа со смртна казна.
Дел од странските држави побараа екстрадиција на нивните државјани кои се во притвор во Ирак, како што е случајот со Саудиска Арабија. А во ретки случаи, притворените се вратија во своите држави. Меѓу нив се и четири Русинки и 27 деца кои беа пуштени да се вратат дома во февруари, откако беше утврдено дека стигнале на територијата на ИД, преку измама.
Ирачката влада објави дека 11 луѓе биле погубени вчера, под обвиненија за тероризам, со што таа го исполнила сопственото ветување „дека ќе ги убие сите што се одговорни за пролевање на ирачка крв“.