Радикалната идеологија на Исламската држава (ИД) би можела да опстане и по згаснувањето на озлогласената терористичката организација, на што укажуваат и ставовите на луѓето кои се евакуирани од последното упориште на ИД во источна Сирија, објавува Си-ен-ен.
– Сакавме само да живееме во мир, да ја носиме нашата исламска облека и да живееме според законот на Семоќниот. Да, постоеја ексцеси, но тоа беше Исламската држава и неа ја посакувавме – објаснува Ум Басам (25), вдовицата која е мајка на четири деца, со кои заедно биле изнесени од Багхуз, последното парче територија контролирано од ИД во Сирија.
Таа без двоумење ја истакнува нејзината безрезервна посветеност кон ИД, додека е опкружена со стотици бегалци кои имаат слични приказни како нејзината. Сопругот на Басам, припадник на ИД, бил убиен во воздушен напад на Рака. Басам има оправдување и за јавните егзекуции и другите сурови злосторства изведени од припадниците на ИД.
– Тие беа застрашувачки и шокантни, но тоа е законот на Семоќниот и ние не можеме да го смениме – вели Басам.
Во близина, волонтерите од христијанска хуманитарна организација имале потешкотии во убедувањето на Мароканка да им дозволи да ги превијат нејзините повреди. Таа ја одбивала помошта, велејќи оти „нејзиниот сопруг не би го дозволил тоа“.
А извитоперената идеологија на ИД е пренесена и на најмладите.
– Дали знаете дека Исламската држава ќе помине низ потешкотии, но оти Бог ќе и подари победа – им кажал 15-годишниот Махмуд на новинарите на Си-ен-ен.
Повеќе од 10 илјади цивили избегале од последната енклава на ИД во изминатите неколку седмици, по што биле задржани од Сириските демократски сили.