Американскиот претседател Џо Бајден со порака до терористите
Американскиот претседател, Џо Бајден се обрати до нацијата по повод крајот на војната во Авганистан, бранејќи го хаотичното повлекување од Кабул, ден откако последните американски воени авиони ја напуштија земјата. Тој настан го означи крајот на најдолгата американска војна, речиси 20 години по нејзиниот почеток.
– Завршивме една од најголемите воздушни евакуации во историјата. Ниту една нација во историјата не направила вакво нешто, само САД имаа капацитет, волја и способност да го сторат тоа – рече тој.
Бајден, бранејќи ја одлуката што предизвика серија обвинувања против него, рече дека морал да избере помеѓу „напуштање и ескалација“, претставувајќи ја својата одлука за повлекување на војниците како единствена опција која не барала пристигнување на повеќе војници во Авганистан.
– Немав намера да ја продолжам оваа бескрајна војна и не сакав ни повлекувањето да биде вечно – рече американскиот претседател.
Во Авганистан останаа 100 до 200 Американци, а повеќето од нив имаат двојно државјанство.
– Крајниот резултат е дека 90 отсто од Американците кои сакаа да заминат си заминаа. Некои велат дека требаше да започнеме со евакуација порано и дека тоа можеше да се направи на поуреден начин. „Со сега почит, не се согласувам – категоричен е Бајден.
Тој верува дека ќе имало метежи на аеродромот дури и доколку евакуацијата почнеше во јуни или во јули. Бајден рече дека стратегијата на САД треба да се промени и дека не им требаат војници на терен за борба против тероризмот.
– Ние удривме на ИСИС-К од далечина неколку дена откако тие убија 13 наши војници и десетици невини Авганистанци. ИСИС-К, сѐ уште не завршивме со вас – порача Бајден.