Иран ѝ ја одзеде акредитацијата на инспекторката за нуклеарно набљудување на ОН откако меѓународната официјална претставничка, наводно, се обидела да внесе сомнителни материјали во една од иранските нуклеарни локации на кои требало да изврши увид, пренесува РТ.
-Инспекторката што работи за Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) не ги добила претходните дозволи за посета на иранските нуклеарни центри откако била фатена како се обидува да влезе во центарот за збогатување ураниум „Натанц“ со сомнителни материјали – соопшти иранската Национална атомска агенција.
Без пристап до локациите, невозможно е да се спроведе нејзината мисија да ја следи нуклеарната програма во Иран па таа вчера ја напуштила земјата, јавуваат иранските медиуми.
Според „Ројтерс“, инспекторката била кусо приведена откако ја спречиле да влезе во објектот и ѝ биле одземени патните исправи на одреден период. Сè уште не е јасно што се обидувала инспекторката да внесе во „Натанц“, а Иранците велат дека таа била скенирана и дека притоа се активирал алармот на машината за контрола на безбедноста.
Инцидентот се случил минатата недела, неколку дена пред Иран да го објави својот последен чекор во повлекувањето од обврските согласно нуклеарниот договор од 2015 година. Техеран изјави дека сега ќе го збогатува ураниумот до 5 отсто во нуклеарниот центар „Фордоу“. Овој потег е последен во серијата преземена од Иран годинава како одговор на одлуката на САД да го напуштат договорот во 2018 година.