Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, изјави вчера дека Техеран ќе се повлече од нуклеарните разговори што во моментот се одржуваат во главниот град на Австрија, Виена, ако смета дека другите страни не се сериозни во постигнувањето решение, пренесува ИРНА.
– Не може да се предвиди точното време за времетраење на разговорите. Ако сметаме дека другите страни не се сериозни или имаат намера да купат време или да додадат други прашања на дискусиите, ќе се откажеме од преговорите. Во исто време не брзаме бидејќи има сериозни прашања во преговорите што треба да се разгледаат – рече Арагчи.
Иранскиот официјален претставник истакна дека преговарачките страни веќе постигнале одредено разбирање во врска со укинување на санкциите поврзани со нафтата, банкарството, финансиските трансакции и петрохемиските производи, но посочи дека сè уште има сложени прашања поврзани со укинувањето на санкциите за повеќе од 1.500 лица.