Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска изјави дека иранската Влада ќе почне законска постапка во Иран против американските претставници, кои воведоа санкции за неговата земја како вовед во покренување на тужба пред меѓународните судови.
Рохани во говорот емитуван во живо на државната телевизија рече дека американските санкции создале економски проблеми, меѓу кои, ослабување на иранската национална валута – ријалит и пораст на инфлацијата.
САД повторно воведоа санкции на Техеран откако претседателот на САД Доналд Трамп во мај минатата година одлучи да се повлече од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, договорен со пет други светски сили.
Рохани изјави дека им наредил на Министерството за надворешни работи и за правда „да почне правна постапка пред иранските судови против оние во Америка, кои ги осмислија и воведоа санкциите кон Иран”.
– Тие санкции претставуваат злосторство против човештвото- рече тој.
Ако иранските судови донесат пресуди против американските официјални претставници, Иран ќе продолжи правни дејства против нив пред меѓународните судови, наведе претседателот Рохани.
– Американците имаат само една цел: тие сакаат да се вратат во Иран и повторно да владеат со нашата земја- посочи Рохани, повторувајќи го иранскиот став дека американските санкции имаат за цел соборување на иранската Влада.