Техеран најави дека почнува со вршење девизни трансакции во евра, а не во долари, што е дел од долгогодишните напори на земјата за намалена зависност од американската валута, поради продлабочување на јазот со Вашингтон.
Гувернерот на Централната банка на Иран (ЦБИ) Валиолах Сеиф изјави дека врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи го поздравил неговиот предлог за замена на доларот со евро во надворешната трговија, бидејќи „на доларот денес не му е место во нашите трансакции“.
Новата политика ќе ги поттикне државните институции и компании поврзани со државата во своите трансакции да го зголемат користењето на еврото, наместо американската валута.
– Франција до крајот на годинава ќе почне да им нуди на своите ирански клиенти кредити деноминирани во евра, со цел да ја задржат својата трговија надвор од опсегот на американските санкции – изјави шефот на државната француска инвестициска банка Бпифранс.
Во рамки на трговското ембарго на САД, на американските банки им е забрането тргување со Иран.
Техеран минатиот месец најави дека нарачките на трговците за набавка на стока изразени во американска валута повеќе нема да можат да поминат низ процедурата за увоз, а оваа мерка, по официјалното барање на Централната банка на Иран, има за цел да се справи со проблемот на флуктуација на пазарниот курс на американскиот долар.
Иранската валута ријал загуби речиси половина од својата вредност на слободниот пазар од септември минатата година, достигнувајќи рекорден минимум од околу 60.000 ријали за еден долар, пред властите да воведат фиксен курс од 42.000 ријали во однос на доларот и го предупреди Иран дека ќе плати казни доколку употреби друг курс.