Иранскиот претседател Хасан Рохани порача дека земјата ќе ги задржи резервите на збогатен ураниум наместо да ги продаде во странство, како што е предвидено со договорот од 2015 година. Покрај тоа, Рохани се закани дека Исламската Република ќе продолжи со производство на високозбогатен ураниум за 60 дена

Иран суспендира клучни одредби од меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година, една година откако САД се повлекоа од спогодбата. Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека земјата ќе ги задржи резервите на збогатен ураниум наместо да ги продаде во странство, како што е предвидено со договорот. Покрај тоа, Рохани се закани дека Исламската република ќе продолжи со производство на високозбогатен ураниум за 60 дена. Целта на договорот беше намалување на нуклеарните амбиции на Техеран во замена за укинување на санкциите против Иран. Тензиите помеѓу Иран и САД значително се зголемија по повлекувањето на Вашингтон од договорот и повторното воведување американски санкции, кои ѝ зададоа голем удар на иранската економија. Техеран вчера ги извести за одлуката другите страни од договорот – Франција, Германија, Русија, Кина и Британија, пренесува Би-би-си.

Рохани порача дека ќе суспендира два важни дела од договорот – продажбата на вишокот збогатен ураниум и на „тешката вода“. Тој исто така им даде рок од 60 дена на европските сили, Русија и Кина да ги исполнат своите финансиски и нафтени обврски од спогодбата. Доколку не го сторат тоа и изберат да ги почитуваат американските санкции, според Рохани, Иран ќе продолжи со продажбата на нуклеарниот материјал. Сепак, иранскиот лидер посочи дека Техеран не се повлекува целосно од договорот.

– Не сакаме да го напуштиме договорот. Сите луѓе на светот треба да знаат дека денеска не е крајот на договорот, станува збор за нов чекор во рамките на спогодбата – порача Рохани.

Истовремено, тој ги предупреди петте светски сили дека ќе се соочат со одлучна реакција доколку иранското нуклеарно прашање биде поставено пред Советот за безбедност на Обединетите нации.

Како одговор на ваквите најави од Техеран, францускиот министер за одбрана Флоренс Парли изјави дека европските сили прават сѐ што е можно за да го одржат во живот договорот, но и дека ќе има последици и можни санкции доколку тој не се почитува.

Реакцијата на Техеран следува откако шефот на американската дипломатија ненајавено го посети Ирак и американски носач на авиони беше испратен во регионот на Персискиот Залив. Американски претставници изјавија дека таквиот чекор на Вашингтон е поради иранските закани за американските сили и нивните сојузници, без да посочат за какви закани точно станува збор.

Иран, како што оценува Би-би-си, се обидува да постигне тежок баланс – отфрлање некои од забраните од договорот, без притоа да преземе чекори за целосно повлекување од него. Станува збор за сигнал за аларм, но и за предупредување. Иран се соочува со сѐ поголеми тешкотии по повторното воведување на американските санкции. Техеран бара од Европејците да преземат итни практични чекори за да обезбедат олеснувања за иранската економија. Доколку нема олеснувања, тогаш Иран можеби ќе го разгледа прашањето за целосно повлекување од спогодбата, од која САД се повлекоа точно пред една година.

Поради сето тоа, Европејците сега се соочуваат со голема дилема. Тие се заглавени помеѓу Иранците и администрацијата на Трамп. Дали е можно да продолжат да го поддржуваат договорот ако Иран целосно не ги почитува неговите услови? САД најверојатно ќе инсистираат дека не може да има средно решение – Иран или ги почитува условите од договорот или не го прави тоа воопшто.

Британија, Германија и Франција во јануари воспоставија нов механизам за плаќање, за да овозможат и понатамошно тргување на бизнисите со Иран без притоа да бидат цел на санкции. Трите земји беа против одлуката на Трамп да го напушти договорот. Системот, познат како Инстекс, требаше да се фокусира на легитимната трговија со добра и производи онаму каде што непосредната потреба на иранскиот народ е најголема – храна, фармацевтски производи и потрошувачки производи што не се цел на санкции. Во моментов, со системот за плаќање не е опфатена нафтата, најголемиот ирански извозен производ, и се смета дека Инстекс не помогна многу за ублажување на последиците од санкциите. Иран сега бара од Европејците уште повеќе да го заживеат системот.

Тензиите помеѓу САД и Иран потекнуваат уште од иранската исламска револуција во 1979 година, кога од власта беше соборен прозападниот лидер и на негово место беше воспоставен радикален антиамерикански режим. Претседателот Трамп зазеде исклучително тврд став кон Иран од почетокот на неговиот мандат во 2016 година. Администрацијата на Трамп бара нови преговори за нуклеарниот договор и негово проширување, за да можат да бидат опфатени и иранската балистичка ракетна програма и активностите на Техеран на Блискиот Исток. САД неодамна го зголемија притисокот врз Иран, и тоа со два значајни чекора – го прекина изземањето од санкции на петте главни ирански купувачи на нафта, меѓу кои се и Кина, Индија и Турција, и ја стави Револуционерната гарда на листата странски терористички организации.

Пред неколку дена, Џон Болтон, советникот на Трамп за национална безбедност, изјави дека САД испраќаат носач на авиони на Блискиот Исток, по многубројните загрижувачки индикации и предупредувања од Иран. Како одговор на укинувањето на изземањето од санкциите од страна на Вашингтон, Техеран повторно се закани со блокада на стратегискиот Ормутски Теснец, низ кој се транспортира голем дел од светската нафта.


Клучни одредби од нуклеарниот договор со Иран

Иран е ограничен на инсталирање на 5.060 најстари и најмалку ефикасни центрифуги до 2026 г.

Техеран се обврза да го редизајнира својот реактор за да не може да произведува плутониум што може да се искористи за оружје

Иран да се воздржи од тајна изградба на нуклеарна програма

Олеснување на санкциите – во согласност со договорот, Техеран доби пристап на повеќе од сто милијарди долари, замрзнати во странски банки, продолжи да продава нафта на меѓународните пазари и доби пристап до глобалниот финансиски систем за трговија

[email protected]