Помпео: САД не сакаат војна со Иран, ама…
Вашингтон тврди дека има разузнавачки податоци што ја докажуваат зголемена закана од Иран во регионот, но со таквите процени не се согласуваат повеќе негови европски сојузници
САД не сакаат војна со Иран, но јасно ставаат до знаење дека ќе одговорат соодветно ако некој ги нападне американските интереси. Ваква порака неделава упати до Иран американскиот државен секретар Мајк Помпео по средбите со руското раководство во Сочи. Засилените тензии меѓу САД и Иран поттикнаа многумина да предупредуваат за нов тежок конфликт на Блискиот Исток со далекосежни последици.
Вашингтон веќе го зголеми военото присуство во регионот, а американски весници како „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“ објавија дека воинствените соработници на американскиот претседател Доналд Трамп туркаат план за испраќање 120.000 американски сили на Блискиот Исток, слично како во времето на американската инвазија на Ирак во 2003 година. Според нив, јастребите во Вашингтон предводени од советникот за национална безбедност Џон Болтон и државниот секретар Помпео, ги туркаат САД во војна со Иран и заговараат „промена на режимот“ во Техеран. Тие исто така нагласуваат дека нивните воинствени планови за Иран предизвикале раздор меѓу Белата куќа, Пентагон и ЦИА, како и меѓу Вашингтон и американските сојузници, по што беа обвинети од претседателот Трамп дека шират лажни вести.
Крис Гика, британски генерал-мајор и заменик-командант на коалицијата предводена од САД за борба против Исламска држава, во вторникот изјави дека нема зголемен ризик од Иран или од неговите сојузници во Ирак и во Сирија. Само неколку часа подоцна реагираше американската Централна команда, која нагласи дека неговите процени се спротивни на разузнавачките податоци од САД и нивните сојузници за веродостојните закани во регионот од групи поддржани од Иран. Претходно, Шпанците повлекоа фрегата од ударната група предводена од американскиот носач на авиони „Абрахам Линколн“ што Вашингтон ја испрати во Персискиот Залив, за да не бидат вовлечени во евентуален конфликт со Иран, нагласи „Њујорк тајмс“. Извори за весникот во САД и во Европа велат дека главните сојузници на Трамп, како Болтон и Помпео, го туркаат американскиот претседател кон војна со Иран, иако тој можеби не е свесен за реалните шанси за конфликт. На агресивните планови реагираа и европските сојузници на САД, кои по средбите со Помпео неделава во Брисел повикаа на „максимална воздржаност“ кон Иран, наспроти „максималниот притисок“ што го бара администрацијата на Трамп
Путин: Техеран да не се повлекува од договорот
Ако Иран го стори тоа, на крајот ќе биде обвинет дека го урнал нуклеарниот договор, иако САД први се повлекоа, смета рускиот претседател
Рускиот претседател Владимир Путин смета дека Иран не треба да брза да се повлекува од нуклеарниот договор зашто на крајот ќе биде обвинет дека ја урнал спогодбата, иако САД го иницирале тој процес, јави Тасс.
– Повеќепати кажав во разговорите со нашите ирански партнери дека, според мене, најдобро е Иран да остане посветен кон договорот што и да се случи. Бидејќи штом Иран ќе реагира на повлекувањето на САД од договорот и обелодени дека и тој ќе се повлече, утре сите ќе заборават дека САД стојат зад колапсот и Иран ќе биде прогласен за виновен – оцени рускиот претседател.
Тој рече дека ќе каже една „недипломатска работа што може да ги повреди европските пријатели на Русија“, а тоа е дека „Американците се повлекоа од договорот, тој се распаѓа, а европските земји не можат да сторат ништо за да го спасат и не можат вистински да работат со Иран за да ги надомести економските загуби“. Рускиот претседател нагласи дека тој постојано им го кажувал ова на своите ирански колеги.
– Ќе видиме што ќе се случи. Русија не е противпожарна служба, па да спасува сѐ што целосно не зависи од неа. Ние ја одигравме нашата улога и сме подготвени да продолжиме да ја играме таа позитивна улога, но тоа не зависи само од нас, зависи од сите партнери, сите играчи, вклучувајќи ги и САД, европските земји и Иран – заклучи Путин.
Рускиот претседател претходно неделава во Сочи се сретна со американскиот државен секретар Мајк Помпео, со кого разговараше за разни теми: контрола на оружјето, обвинувањата за наводното руско мешање на претседателските избори во САД во 2016 година, Венецуела, Украина, Северна Кореја како и за Иран. Тој на Помпео му нагласи дека очекува подобрување на односите меѓу двете земји по завршувањето на истрагата на американскиот специјален обвинител Роберт Милер за наводното мешање на Русија во изборите во САД. Тоа беше прва средба на највисоко ниво меѓу двете суперсили по објавувањето на извештајот на Милер. Двете страни најавуваат можна средба меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп на самитот на Г20 во јуни во Јапонија. Трамп ја откажа средбата со Путин на самитот на Г20 лани во ноември, откако Русија заплени украински бродови близу брегот на Крим.
Иран е уште една болна точка меѓу двете суперсили, кои веќе се спорат за Сирија, Венецуела, Украина и за многу други геополитички прашања. Русија е долгогодишен сојузник на Иран и нагласува дека ќе продолжи да му помага да ја развива неговата нуклеарна програма за цивилни цели.
Хаменеи: Ниту војна ниту нови преговори со САД
Техеран одбива нови преговори за сеопфатен договор за контрола на оружјето, како што бара Вашингтон, зашто тие сигурно би ја опфатиле и иранската ракетна програма
Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хаменеи, изјави дека Техеран не сака војна со САД наспроти зголемените тензии меѓу старите непријатели поради иранската нуклеарна и ракетна програма. Тој исто така нагласи дека Исламската република нема да преговара со САД за нов нуклеарен договор откако администрацијата на Доналд Трамп лани се повлече од спогодбата.
– Нема да има војна. Иранската нација го избра патот на отпорот. Ние не сакаме војна, а не сакаат ниту тие. Тие знаат дека тоа не е во нивни интерес – нагласи ајатолахот Хаменеи.
Претседателот Трамп лани ги повлече САД од нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и светските сили, во согласност со кој Техеран ги ограничи процесите на збогатување ураниум, преку кои може да стигне до нуклеарна бомба, а за возврат требаше да добие олеснување на санкциите. Оттогаш, Трамп ги засили санкциите против Техеран, во обид целосно да го блокира извозот на иранска нафта и да ја натера Исламската република повторно да седне на преговарачка маса за поширок договор за контрола на оружјето, со кој би била опфатена и иранската програма за балистички ракети, нагласува Ројтерс.
– Таквите преговори би биле отровни – смета ајатолахот Хаменеи.
Иран уште од самиот почеток се противи на ревидирање на договорот од 2015 година што го поддржа претходната американска администрација на Барак Обама, но и преостанатите сили и ОН, и ја обвинува администрацијата на Трамп за прекршување на меѓународното право. Русија, Кина, европските земји и инспекторите на ОН сметаат дека договорот треба да опстои и дека Иран се придржува до неговите одредби. Но тензиите се зголемија откако Вашингтон ги засили санкциите против Техеран, ја прогласи Иранската револуционерна гарда за терористичка организација и се закани со напади ако Техеран ги загрозел американски интереси во регионот. Иран возврати така што ја прогласи американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) за терористичка група и се закани со блокада на стратегиски важниот Ормутски Теснец, низ кој минува заливската нафта. Ситуацијата во регионот уште повеќе се вжешти по веста за напади врз саудиски нафтовод и врз четири нафтени танкери, од кои два саудиски, близу Ормутскиот Теснец, по кои прстот веднаш беше вперен кон Иран и кон групите блиски до него. Техеран ги отфрли обвиненијата, а иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф, рече дека „екстремистички поединци“ во американската администрација спроведуваат опасни политики и ги зголемуваат тензиите. Војната со зборови меѓу двете страни засега не запира, а Трамп неделава предупреди дека Иран ќе „страда многу“ ако ги загрози американските интереси откако Вашингтон испрати носач на авиони, бомбардери „б-52“ и ракетни системи „патриот“ на Блискиот Исток, по што повлече дел од дипломатските претставници во соседен Ирак.