Иран победува во стратегиската битка за влијание на Блискиот Исток против својот најголем ривал Саудиска Арабија. Иранските регионални ривали потрошија многу милијарди долари за купување оружје од Западот, но за мал дел од таа сума Иран, и покрај санкциите, успеа да се зацврсти низ регионот на позиција од стратегиска предност. Техеран има големо влијание, кое во некои случаи е работ на директна контрола, врз работите во Сирија, Либан, Ирак и Јемен, се наведува во истражувањето на лондонскиот Меѓународен институт за стратегиски студии (МИСС).
– Исламската Република Иран ја смени рамнотежата на ефикасна сила на Блискиот Исток во своја корист. Успеа да го постигне тоа, спротивставувајќи им се на супериорните конвенционални сили преку операции за влијание и користење на посреднички сили – истакнува МИСС.
Клучен дел, според лондонскиот институт, се силите Кудс, крилото за надворешни работи на Исламската револуционерна гарда. Техеран успеал да развие неконвенционални форми на асиметрично војување, што му овозможи на Иран да ја надомести супериорноста на своите непријатели во конвенционалното оружје.
– Либанското шиитско движење Хезболах, кое е политичка партија и вооружена милиција, постигна уникатен статус помеѓу иранските партнери – се додава во извештајот, во кој детално се документирани иранските маршрути за снабдување преку Сирија и Ирак.
Хезболах играше важна улога во конфликтите во Сирија и Ирак, борејќи се заедно со сириските сили лојални на претседателот Асад и помагајќи им на ирачките шиитски милиции, пренесува Би-би-си.