Бројот на загинати во стампедото кое настана за време на погребот на иранскиот генерал Касим Сулејмани се искачи на 50, јави иранската новинска агенција „Исна“, повикувајќи се на локален функционер.
Агенцијата „Фарс“, повикувајќи се на информации од службениците за вонредни состојби, претходно објави дека во метежот биле повредени вкупно 213 лица.
„Исна“ претходно денеска објави дека погребот на Сулејмани, кој беше убиен во американски воздушен напад во Ирак, е одложен бидејќи во насобраната толпа во неговиот роден град загинале голем број луѓе.
Во извештајот не е наведено за колку време се одложува погребот, пренесе агенијата „Ројтерс“.
На фотографии објавени од иранската државна телевизија се гледаат илјадници луѓе собрани на улиците на градот Керман, многумина облечени во црно во знак на жалост за убиениот генерал.