Британската полиција денеска соопшти дека од претпазливост го третира инцидентот на Лондонскиот мост како случај поврзан со тероризам и потврди дека нејзини припадници застрелале еден маж.
„Скај њуз“, повикувајќи се на неименувани извори, јавува дека во инцидентот загинала најмалку една личност која не е напаѓач, пренесе агенцијата „Танјуг“.
– Во овој момент, околностите околу инцидентот на Лондонскиот мост остануваат нејасни. Сепак, од претпазливост, ние во моментов реагираме како да станува збор за инцидент поврзан со тероризам – соопшти полицијата на Твитер.
Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека редовно добива информации за инцидентот и се заблагодари на полицијата и службите за итни случаи за нивниот брз одговор, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Извор од полицијата соопшти дека маж нападнал луѓе со нож во близина на мостот, по што бил застрелан од припадници на безбедносните сили. Се верува дека напаќачот повредил најмалку петмина луѓе.