Глобална трка за современо вооружување
Трката за глобална надмоќ на светските моќни велесили изминатиов период развива ново темпо и динамика. Изминатиов период лидерите на најмоќните воени суперсили тврдат дека вештачката интелигенција постепено станува извор на моќ и алатка за доминација во светот
Темата со супермодерните технологии во одбраната на државите е сѐ поактуелна, а натпреварот во „интелигентно војување“ со оружје што користи вештачка интелегенција е во полн ек. Ова, меѓу другото, во своја анализа го посочува угледниот магазин „Фајненшал тајмс“, кој во текст на оваа тема се осврнува и на заклучоците на државниците од последниот самит на НАТО во Брисел. Имено, како што наведува магазинот, заложбите на најмоќниот воен сојуз за годините што доаѓаат во голем дел допираат теми поврзани со употребата на вештачката интелигенција во редовниот состав на војските сојузнички, па ваквиот феномен преставува нова парадигма на војувањето. Првиот човек на Алијансата, Јенс Столтенберг, во своја изјава на оваа тема истакна дека лидерите на Алијансата во тој контекст неодамна усвоија и мерки за зајакнување на одговорите на сателитски напади и зајакнување на капацитетот во новите технологии, додавајќи дека членките на Алијансата сѐ повеќе се преокупирани со потенцијалната воена употреба на вештачката интелигенција.
Соопштението на западниот воен сојуз дека растечките воени амбиции на Кина претставуваат предизвици со кои НАТО мора да се справи, навестуваше фундаментална промена во вниманието на Алијансата посветена на заштитата на Европа и на Северна Америка, но не и на Азија, пишува „Њујорк тајмс“. Весникот проценува дека описот на Кина во последната изјава од самитот ја рефлектира новата загриженост за тоа како Кина има намера да ги користи својата воена моќ и офанзивните сајбер-технологии во следните години.
И Џо Бајден и поранешниот американски претседател Доналд Трамп постојано ги потенцираа заканите што ги претставува Кина како авторитарен политички систем со растечки воени трошоци и амбиции, вклучувајќи и зголемена воена соработка со Русија, пишува весникот, истакнувајќи дека овие две земји на големо веќе ја користат оваа технологија во армиите.
Борба на алгоритми против алгоритми
Последниот извештај на американската Комисија за национална безбедност за вештачка интелигенција зборува за „нова парадигма на војувањето“, во која „алгоритмите се борат против алгоритми“. Се бараат огромни инвестиции во оваа област заради континуирано победување на потенцијалните противници во иновациите, пишува германски „Дојче веле“.
Според медиумот, Кина ја става вештачката интелигенција во центарот на своите истражувања, додека тамошната Народна армија зборува за идното „интелигентно војување“. Рускиот претседател Владимир Путин уште во 2017 година изјави дека оној што ќе стане лидер во оваа област наедно ќе стане и „господар на светот“.
Во меѓувреме, со релативно мало внимание од јавноста, разорните оружја на иднината напредуваат.
– Светот мора да го интересира тој факт, дека одиме кон ситуација во која секој ќе може да прави што сака со сајбер или автономно оружје. Тоа не го сакаме – предупредува Хајко Мас, германскиот министер за надворешни работи.
Дронови камикаѕе и ново „демнечко оружје“
На крајот на минатата година, Кавказ беше лабораторија на ова војување на иднината. Сѐ изгледаше навидум како и при поранешните тешки судири меѓу Ерменија и Азербејџан околу Нагорно Карабах, но експертите видоа новини.
– Многу важен аспект на тој судир беше употребата на „демнечко оружје – вели Улрике Франке, експерт за беспилотни летала во Европскиот совет за меѓународни односи.
Изразот „демнечко оружје“ се користи за проектили што излетуваат без посебна цел и кружат над потенцијалните цели. Целта се одбира дури подоцна.
– Во Нагорно Карабах се користени такви дронови камикаѕе, тоа се мошне автономни системи – вели Франке. Според Центарот за стратегиски и меѓународни студии, Азербејџан имал околу двесте вакви дронови, и тоа четири различни модели, сите од најмодерно израелско производство. Ерменија имала само еден домашен модел. На другите армии во светот не им остана незабележано дека ваква предност може да го реши исходот на војната, анализираат западните медиуми. Во исто време, тие оценуваат дека оваа технологија со вештачка интелигенција наскоро ќе овозможува јата дронови, стратегиски да погаѓаат повеќе цели кај противникот и со тоа да го одлучат победникот во битките или конфликтите меѓу државите. Тоа, според експертите, секако ќе донесе огромна тактичка предност на боиштата.