Нарендра Моди нареди тестирање на антисателитски ракети неколку недели пред изборите
Економист
Индискиот премиер Нарендра Моди вчера се обрати на телевизија пред нацијата, за да соопшти триумфална порака. Индиска ракета беше лансирана 300 километри во вселената за да разнесе сателит, па така Индија стана дел од малиот клуб на држави што имаат развиено и тестирано антисателитски (АСАТ) оружја. Моди воодушевено порача дека „Индија гордо се истакнува како вселенска сила“.
Обраќањето на Моди беше необично. Гласањето за парламентарните избори во седум фази почнува на 11 април. Телевизиските обраќања на премиерот за време на изборната сезона, кога почнува да важи одреден „кодекс на однесување“, со кој на владејачката партија ѝ се забранува да ја злоупотребува својата позиција, беа емитувани само два пати претходно, и тоа по атентатот на премиерот во 1984 година и на лидерот на опозицијата во 1991 година. Мамата Банерџи, лидерката на регионалната опозициска партија побара Изборната комисија да го преиспита говорот на Моди за да се разјасни дали тој го прекршил кодексот.
Тестот за АСАТ-ракетите едвај би можел да се смета за неочекуван настан во националната безбедност. Всушност, Индија можеше да го изведе тестирањето во кое било време во изминатите осум години. Во 2012 година, В. К. Сарасват, тогашниот шеф на Организацијата за истражување и развој во одбраната, поточно владината агенција која е задолжена да развива нова воена опрема, истакна дека „основите“ на капацитетите за АСАТ веќе биле подготвени и оти биле потребни само завршни електронски подесувања.
Тешко е да се избегне заклучокот дека воздушниот спектакл на Моди беше временски добро темпиран за анкетите. Се одржа еден месец откако Индија испрати воени авиони за да го бомбардира Пакистан првпат по 1971 година, уште еден потег кој многумина го сметаат за повод за добивање гласови на изборите.
Настрана од предизборната кампања, тестот имаше две цели. Првата беше да се постават стандарди во време на зголемената воена конкуренција во воздушниот простор. Кина, која е регионален ривал на Индија, управува со 30 сателити од кои повеќето ги користат вооружените сили во секаков можен конфликт. Таа исто така разви цела низа на АСАТ-оружја, вклучувајќи сопствени проектили и ласери.
Индија сака да покаже дека може да го возврати ударот со иста мера. Но, истакнувајќи се со својот капацитет да лансира мали и брзи летачки објекти на огромна висина, Индија исто така ги покажа своите интереси за соборување на цели кои се тешки да се погодат, како на пример, пакистанските нуклеарни ракети.
Сепак, демонстрирањето на моќ може да има дипломатска цена. Ова е првиот јавно признат АСАТ-тест откако Кина разнесе еден од нејзините сателити во 2007 година, што предизвика меѓународна осуда. Остатоците од експлозијата беа една четвртина од сите регистрирани објекти во ниската Земјина орбита во наредните години, и притоа на ризик беа изложени сателитите на другите држави. Во 2012 година, Сарасват вети дека Индија нема да продолжи по овој пат токму поради оваа причина.
Индиските претставници истакнуваат дека овонеделниот тест бил изведен многу пониско во орбитата, така што поверојатно е дека остатоците ќе паднат на Земјата и ќе согорат без да предизвикаат штета. Брајан Виден од невладината фондација „Безбеден свет“ го потврдува ова и предупредува дека некои парчиња можат да завршат повисоко во орбитата, како што се случи откако САД го уништија сопствениот сателит на речиси иста висина, во 2008 година. Моди барем ќе биде задоволен што за разлика од неговиот воздушен напад на Пакистан, никој нема да се сомнева дали тој ја погодил целта.
Подготвила: Билјана Здравковска